МЗ: Од починатите од ковид-19 вакцинирани биле 21 отсто, ама имале комбинирани хронични заболувања

Во периодот од 6 август до 23 декември на територијата на целата држава имало вкупно 66.857 граѓани позитивни на ковид-19, а од нив 33% или 21.806 биле целосно вакцинирани, а 67 отсто, односно 45.051 не биле вакцинирани, информира Министерството за здравство.
Во истиот период 85 отсто од хоспитализираните се невакцинирани, а 15 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Анализата на Министерството за здравство покажува и дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, па така во овој период од последици од ковид-19 починале вкупно 2.362 лица, а од нив 1.850 не биле вакцинирани, додека вакцинирани биле 21 отсто и според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Пациентите, како што додава Министерството, биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон.
Министерството за здравство повторно укажува на важноста на вакцинацијата и нагласува дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Оттаму апелираат до граѓаните да се вакцинираат, зашто само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на СарсКов2.