ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Меѓувладина седница Македонија – Албанија: Заедничка цел – членство во ЕУ до 2030 година

Со кошаркарски дрес од македонската репрезентација и потпишана топка, македонскиот премиер Димитар Ковачевски го пречека неговиот албански колега Еди Рама на втората меѓувладина седница меѓу Македонија и Албанија. 

Како конкретен доказ за соработката, Ковачевски го истакна договорот за враќање на незаконски изнесени икони од нашата држава, уште во 2013 година. Во тој дух албанската делегација на македонските колеги симболично им врати една од иконите.

Очекувано, евроинтегративниот пат на двете земји беше во фокусот на денешните разговори. И Ковачевски и Рама на заедничката прес-конференција беа согласни дека Македонија и Албанија заедно ги почнале преговорите и заедно треба да ги завршат за полноправно членство во ЕУ до 2030, а уставните измени да не бидат причина Македонија да се врати назад и да се самоизолира.

– Вистинската опасност за европскиот пат на нашата држава доаѓа од една политичка партија, која во својата програма е против членството во ЕУ, НАТО, против Берлинскиот процес и Отворен Балкан. Тоа се партијата Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев. Уште поголема опасност е тоа што тој во заложништво го зема претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој е слаб, без став и без визија, кажа Ковачевски.

– Вашиот Устав има голем број малцинства кои што се внесени и претставува модел кој е многу добро познат. Тоа треба само да се надополни и тоа е многу едноставно. Верувам дека народот тука е многу попаметен, како и секаде во светот од политичарите. Мислам дека не можеш да поминеш еден чекор во нова епоха, а потоа да се вратиш неколку чекори назад. Јас мислам дека Македонија нема да се врати во минатото и да се самоизолира, изјави Рама.

На денешната седница беа потпишани договори и меморандуми меѓу министрите на двете држави, за зацврстување на соработката во повеќе сегменти особено во енергетиката и инфраструктурата. Премиерот Ковачевски најави дека со Албанија ќе се гради инфраструктура за природен гас и обновливи енергии, а се акцентираше и неоходноста за изградба и завршување на патната инфраструктура за Коридорот 8.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.