МВР ќе обезбедува, засега нема забрана за влез на бугарски политичари
Владата денеска без одлука за забрана за влез на бугарски политичари кои го негираат македонскиот народ. Шефот на бугарската дипломатија не дојде во Парламентот во Софија да го образложи претепувањето на бугарскиот државјанин Пендиков во Охрид. Американската амбасадорка Агелер повика на смиреност.
Министерството за внатрешни работи треба да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност, одлучи денеска Владата , по најавите за доаѓање на поголема група граѓани на Бугарија на 4 февруари на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.
Во Софија, пак, бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков не дојде на најавеното сослушување во парламентот во Софија, на кое требаше да ги образложи деталите за нападот врз бугарскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид.
Претседателот Пендаровски вчера побара од владата да им забрани влез во земјава на еден европратеник од Бугарија и на неколку други бугарски државјани „поради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава“.
Тој оцени дека во засилувањето на тензиите меѓу двете земји има и „руско масло“. Одредени структури се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев, рече тој, по вчерашната седница на Советот за безбедност.
Пендаровски потсети дека на тројца бугарски државјани минатата година им бил откажан престојот во Македонија.
„Не можам и не сакам да одам во детали затоа што станува збор за сензитивни работи. Само ќе ви кажам дека дел од овие структури и лица се надоврзани на руската разузнавачка служба“, рече Пендаровски.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се вжештија оваа недела по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, кој е и бугарски државјанин, како и на претходните изјави на бугарски политичари дека „Македонија е бугарска“.
Од Софија стигнаа за закани за блокирање на македонските евроинтеграции, а од Македонија повици за прогласување бугарски политичари за персона нон грата.