Маричиќ: Ако Македонија ги усвои уставните измени, Бугарија нема да го кочи стартот на преговорите

Бугарија нема да прави дополнителни компликации, ако Македонија ја заврши домашната задача. Ова го порача вицепремиерот Маричиќ, денеска, на брифинг со новинарите.
На прашање, дали македонската влада очекува компликации од Софија при усвојувањето на скрининг извештајот за кластерот 1 во рамки на ЕУ, но и за трите патокази и Акцискиот план кои мора да се изготват следните месеци, Маричиќ кажа дека Софија ќе биде позаинтересирана од останатите членки на ЕУ, но дека македонската влада има канали на комуникација со новата бугарска влада.
Порача, дека Македонија ќе настапи подготвена со сите документи, вклучително и обврските од Протоколот.
– Доколку успееме да ги завршиме нашите обврски, нема Бугарија да има кредибилитет да вади дополнителни причини за какво било блокирање. Очекувам, ако тоа, не дај боже се случи, да има силен притисок од другите земји членки, да се тргнат било какви нови прашања од масата. Мислам дека Бугарија тоа го разбира, но мислам дека има и добра волја. – рече Маричиќ.
А Македонија има три домашни задачи за да ги стартува автоматски преговорите со кластерот 1. Тоа се: завршен скрининг со ЕУ, завршени уставни измени и усвоени Патокази од страна на Советот. Пред да се финишираат документите кои ќе се испратат во Брисел , во септември, владата ќе има и низа на консултации со јавниот сектор.
Маричиќ вели, дека целта на владата е да се вклопат тајминзите и затоа, вели дека во исто време се работи и со Европската Комисија и со земјите членки.
– Наш дополнителен услов се и уставните измени. Доколку тоа го комплетираме до крајот на ноември практично ќе се поклопат добро календарите и на уставните измени и на работата околу патоказите и скринингот. Ние ќе инистираме да нема нови временски јазови и нови пречки за отворање на првиот кластер. – рече Маричиќ.
А од септември нова серија на високи гости од ЕУ. Маричиќ најави дека нема да запрат посетите на странските гости, кои доаѓаат во убедувачка мисија за гласање на уставните измени. Во октомври најавено е да пристигне и шефицата на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен.