Манчевски за Бизнис Регулатива: Инспекциите мора да имаат едукативна и корективна, а не репресивна улога
Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива неодамна одржа инфо сесија за предлог решенијата кои се предвидени со новиот законот за инспекциски надзор. Интервјуто со министерот за информатично општество и администрација, Дамјан Манчевски е направено за www.biznisregulativa.mk
Бизнис Регулатива: Министре Манчевски, би сакале на бизнис заедницата преку „Бизнис регулатива“ да и објасниме која е главната цел на носењето нов закон за инспекциски надзор!
Како што и кажавме на дебатата, една од главните причини за носење на нов закон е воведување на политиката која долго време ја најавувавме, а тоа е воведувањето на опомената како дел од инспекцискиот надзор. Станува збор за еден вид едукативен аспект на инспекциските служби наспротив казнивоста и глобите во системот. Соочени со дел од сугестиите кои што ги кажаа самите претставници од компаниите на дебатата и на други места, можеме да го зајакнеме едукативниот механизам пред да се оди на казнување. Ова е во согласност со измените коишто ги прави Министерството за правда во однос на генералната казнена политика, така што се спуштаат висините на казните и на глобите. Oва надополнето со воведување и примена на опомена пред казнување мислиме дека ќе донесе поповолен амбиент за работење на компаниите.
Втората новина е инспекциските надзори да бидат многу попредвидливи. Некои од инспекциските служби коишто не се опфаќаат со овој закон, како на пример УЈП, која не е дел од Законот за инспекциски надзор, најпрвин ќе доставуваат листи за проверка во компаниите пред да дојдат во инспекција. Тоа значи дека компаниите кои ќе бидат предмет на инспекциски надзор однапред ќе знаат со што се соочуваат и што треба да обезбедат. Ќе им се даде соодветно време за да ги исправат неправилностите, освен ако се работи за индикации за сторено криминално или кривично дело.
Третата работа е се обидеме да ја намалиме субјективноста при изборот на фирмите кај кои што ќе врши инспекциски надзор. Во минатото бевме сведоци дека делумно од бизнис причини, од политички или можеби лични причини одредени фирми неколку пати беа предмет на инспекциски надзор од страна на една иста инспекција, додека кај други пак воопшто никогаш не бил направен. Се воведува т.н. проценка на ризик, каде што ќе се гледа кои се поризични фирми и категории и тука ќе се става фокусот. Оние што редовно работат и ги подмируваат своите обврски кон државата нема причина да бидат предмет на чест инспециски надзор и да не чувствуваат притисок од страна на државата.
Ова се најинтересните предложени измени во законот, коишто би биле интересни за фирмите и за бизнис секторот. Особено мислам дека се важни измените за малите фирми и претпријатија, кај кои не ретко, за жал, глобите по инспекциски надзор значеле нивно затворање. Овие фирми ниту имаат капацитет, ниту може да се очекува да имаат капацитет да ги следат сите законски измени коишто се случуваат и да се адаптираат на сето она што го бараат законите и инспекциските служби. Се обидуваме ова да го елиминираме и прво ќе се изрекува опомена, па после казна.