Макрон го прекина молкот и ги поздрави „силите на редот“, кои уапсија над 1.000 демонстранти
Претседателот Емануел Макрон го прекина молкот за саботните протести низ цела Франција, оддавајќи им почит на „силите на редот“.
Критикуваниот лидер на Твитер ѝ се заблагодари на полицијата за „професионалноста и храброста“, откако 1.220 лица беа уапсени во насилствата на антивладините демонстрации во Париз и во другите градови, вклучувајќи ги Лион, Марсеј и Бордо.
Се очекува Макрон наредниве денови да одржи голем говор, во обид да се осврне на проблемите на „жолтите елеци“.
Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, рече дека полицијата успеала да ги доведе демонстрациите „под контрола“ и покрај распространетите немири. Кастанер рече дека се повредени 135 лица, вклучително и 17 полицајци.
Министерството проценува дека имало 10.000 демонстранти во Париз, а околу 125.000 демонстранти низ целата земја. Околу 8.000 полицајци излегле на улиците на главниот град, а 89.000 офицери низ целата земја.
Макрон молчеше додека се одржуваа демонстрациите, кои траат веќе четири недели, откако движењето што почна како протест против зголемување на данокот на гориво се претвори во бунт против намалениот животен стандард.
Премиерот Едуар Филип апелираше на „единство“ и вети дека Макрон ќе се осврне на проблемите на демонстрантите.
„Дијалогот почна и мора да продолжи“, рече тој. „Претседателот ќе зборува и ќе предложи мерки што ќе го нахранат овој дијалог“.
Сите главни туристички атракции во градот – вклучувајќи ја и Ајфеловата кула и музејот Лувр – денеска се затворени, поради страв од оштетување, кое пред една недела ѝ се случи на Триумфалната капија.
Божиќните пазари и фудбалските натпревари се откажани. Метростаниците во центарот на градот се затворени, а амбасадата на САД ги предупреди граѓаните да ги избегнуваат сите населби во кои се демонстрира