МАКЕДОНСКО – БУГАРСКИ ОДНОСИ: КОЛКУ ОПТИМИЗМОТ ШТО САКАА ДА ГО ПОКАЖАТ КОВАЧЕВСКИ И ПЕТКОВ Е РЕАЛЕН?
Гушкање, потпишување меморандуми и добрососедски насмевки пред јавноста, а зад затворени врати, Скопје и Софија на маса ќе ги стават главните проблеми за бугарското вето.
И македонската и бугарската влада, на чело со премиерите Ковачевски и Петков, денеска во Софија прстот го вперија кон новите работни групи, но клучните прашања се во рацете на шефовите на дипломатиите. Пакетот барања на Бугарија 4 +1 останува, а решение ќе се бара на министерско па и премиерско ниво.
.- Паралелно да одат и политичките прашања, така да ритамот кој ќе го организираме да биде исто така динамичен. – изјави Кирил Петков премиер на Бугарија.
– Ние имаме министерства за надворешни работи, кои што се во полн капацитет и кои што разговараат и кои што кога ќе имаат резулати кои што ќе можат да се споделат со јавноста и нормално со владите на двете држави и другите институции секако дека ние за тоа ќе информираме. – изјави Димитар Ковачевски премиер на Македонија.
Бугарска отстапка во преговорите засега нема, а денеска како проблем не се спомна ниту македонскиот јазик, ниту македонското малцинство. На прашање дали вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав е критериум за преговорите да бидат успешни. – Ковачевски одговори.
– И тие можат да побараат да бидат дел од Уставот на Република С. Македонија. Тоа е процес кој поминува низ уставните измени, кои има повеќе чекори и во кои се вклучени повеќе институции, доколку тоа се случи, а нормално е да се случи на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвара Уставот за да се направат и други адаптирања, тогаш ќе бидат опфатени и тие прашања, врз основа на барањата на граѓаните. – изјави Димитар Ковачевски премиер на Македонија.
Историската Комисија пак засега останува во ист состав, барем од бугарска страна. Македонската страна веќе промени два члена. Ќе има три официјални средби во рок од четири месеци, а премиерите денеска забалежале ентузијазам кај историчарите – копретседатели Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев кои имаа тет а тет средба.
– Професорите од двете страни покажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон. Ние нема да правиме кадровски промени, но тоа што ме израдува е дека историската комисија е една од работните групи која ќе работи во конструктивен тон и достигнување на реални резултати. – изјави Кирил Петков премиер на Бугарија.
Ексел табели, рокови и остварувања – побараа Ковачевски и Петков од министрите кои ќе раководат со новите работни групи за соработка. Покрај коридорот 8 интензивно ќе се работи и на реализација на авионска линија Скопје – Софија. А, се ставија и потписи на неколку меморандуми за разбирање, програми за соработка и нови договори.