Лидерска средба Ковачевски – Мицкоски за уставните измени
Во наредните десетина дена лидерите на двете најголеми партии од власта и од опозицијата – Ковачевски и Мицкоски ќе седнат да разговараат за европската иднина на земјата и за односите со соседните земји. Овие теми, од кои се чита барање поддршка за менување на Уставот ги предлага Ковачевски, додека Мицкоски ја прифаќа поканата со најава за непопустливост кон обидот за уставни измени.
-ВО НАРЕДНИТЕ ДЕСЕТИНА ДЕНА ЈАС ПЛАНИРАМ ДА ГО ПОКАНАМ МИЦКОСКИ НА СРЕДБА НА КОЈА ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ ЗА ДВЕ ТЕМИ. ПРВАТА ТЕМА ЌЕ БИДЕ НОСЕЊЕТО НА ОДЛУКИ ПОТРЕБНИ ЗА ИНТЕГРАЦИЈАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, А ВТОРАТА Е УСОГЛАСУВАЊЕ НА СТАВОВИТЕ ЗА ОДНОСИТЕ СО СИТЕ СОСЕДНИ ДРЖАВИ НА МАКЕДОНИЈА, ИЗЈАВИ ПРЕМИЕРОТ ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ.
Во било кое време Мицкоски е подготвен да разговара за националните и државните интереси на Македонија“, одговори кусо ВМРО ДПМНЕ. Бара од Ковачевски да си поднесе оставка веднаш по гласањето во Собранието, откако ќе се утврди дека нема дво-третинска поддршка.
-ДОКОЛКУ ПОСТОИ ЖЕЛБА ЗА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО И СЛУШАЊЕ НА ГЛАСОТ НА МНОЗИНСТВОТО, ПРИФАЌАМЕ ЛИДЕРСКА СРЕДБА НА КОЈА ТРЕБА МЕЃУ ДРУГОТО ДА СЕ ВИДИ ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ ВО ПЕРИОДОТ ПО НЕУСПЕХОТ НА ТИЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ И ИДНИНАТА НА ГРАЃАНИТЕ КОЈА ТРЕБА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ, ВЕЛАТ ОД ПАРТИЈАТА.
Од понеделник, Владата на седница ќе го разгледа предлогот што вчера го дефинираше Работната група. Потоа ќе го предложи до Собранието, каде уште во првата фаза треба да добие дво-третинска поддршка. Власта се надева дека ВМРО ДПМНЕ има доволно време да се премисли и да гласа.
-ИМАМЕ ПРЕДЛОГ КОЈШТО ЌЕ БИДЕ РАЗГЛЕДАН ОД ВЛАДАТА И ЌЕ БИДЕ ДОСТАВЕН ДО СОБРАНИЕТО И СИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ТРЕБА ДА БИДАТ СВЕСНИ ДЕКА ОВА Е ПРОЦЕС ЗАРАДИ ИНТЕГРАЦИЈА ВО ЕУ. ВПРОЧЕМ, МНОГУ ЈАСНИ ПОРАКИ ИСПРАТИ ВЧЕРА И СЕНАТОРОТ МАРФИ ОД САД КОЈ КАЖА ДЕКА ПАРТИИТЕ ТРЕБА ВЕЌЕ ДА СЕ ОПРЕДЕЛАТ: ДАЛИ СЕ ЗА ЕУ, НАТО И САД ИЛИ ДЕЛ ОД НИВ ЌЕ САКААТ ДА ОСТАНАТ ЗАЛОЖНИЦИ НА ДИМИТАР АПАСИЕВ И НА РУСИЈА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ.
Работната група составена од 23 члена – експерти и партиски претставници едногласно гласаше за три измени на Уставот. Во Преамбулата, по набројувањето на шест делови од народи, да се додадат уште шест: бугарски народ, хрватски народ, црногорски, словенечки, еврејски и египќански народ. Истите да се додадат во членот за дијаспората како и во Комитетот на заедници. Ова е само Иницијатива и образложение. Нацрт текстот на уставните амандмани ќе го подготви Собранието, доколку претходно стигне поддршка од најмалку 80 пратеници.