ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски побара предвремени парламентарни избори

Завршувањето на уште еден Самит на ЕУ без датум за Македонија, повторно ја поттикна опозицијата да бара предвремени парламентарни избори. ВМРО ДПМНЕ бара формирање техничка влада во февруари или март и избори во мај или јуни.

Експертска или техничка Влада и организирање брзи избори бараат и од Алијанса за Албанците.

„Не би сакал да зборувам за конкретни датуми, недели или месеци, но секако единственото решение по последователните неуспеси, не само на евроинтегративниот процес, туку поради неуспесите во управувањето со енергетската, економската и здравствената криза и трагедиите кои што ни се случуваа, неопходно е што поскоро да падне оваа влада и државата да организира предвремени парламентарни избори. Се разбира, новите моменти ќе треба да ги договорат политичките партии, и тоа колку побрзо, толку подобро“.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги коментираше гласините за евентуален избор на Африм Гаши за премиер на техничката влада, кој воедно ќе биде и првиот премиер Албанец. Тој рече дека доколку Гаши може да ја реши економската и енергетската криза и да ги деблокира евроинтеграциите, ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи. Со ист став и од опозицијата од редовите на Албанците.

„Се разбира, господинот Мицкоски видел капацитет кај господинот Африм Гаши да го реши и проблемот со блокадата од страна на Европската Унија и решавањето на економските и здравствените прашања итн. и затоа дал таков предлог. Секако дека ќе го поддржиме“.

На прашањето дали Африм Гаши има претензии за премиерската функција, од Алтернатива одговорија;

„Му благодариме на господинот Мицковски за неговата оценка за претседателот Африм Гаши, но Алтернатива моментално е во процес кој се уште е во тек и не е завршен. Во овој период немаме причина да ја менуваме агендата и не можеме да зборуваме за ништо друго“.

Но, ДУИ нема да се откаже од ексклузивното право да го предложи првиот  премиер Албанец.

„Кога ВМРО ДПМНЕ ќе го добие мандатот, ако победат на следните парламентарни избори во 2024 година, зошто да не, нека предложат Албанец за мандатар на новата влада и ние ќе го поддржиме. Во актуелниот случај се работи за коалициски договор меѓу ДУИ и СДСМ последните 100 дена пред изборите каде таксативно се вели дека кандидатот за премиер ќе биде предложен од ДУИ, односно од господинот Али Ахмети“.

СДСМ и ДУИ во моментов не прифаќаат предвремени парламентарни избори. Во заедничкото соопштение по средбата Заев – Ахмети вчера, се вели дека следните избори ќе бидат во 2024 година.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.