ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Лебот поскап и до 10 денари, штипските пекари најавуваат повисоки цени за десет дена

Цените на лебот рушат рекорди. Поскапувањата на основниот прехранбен продукт никако да запрат. Само во последниве неколку недели лебот поскапе од 5 до 8 денари, а некои видови леб се продаваат и до 10 денари поскапо. Само обичниот бел леб наредните денови ќе поскапе за 6 денари и ќе се продава за 50 денари. Ново зголемување на цените најавуваат и пекарниците од Штип. Тие сè уште продаваат по старите цени, но велат за десетина дена, од 15-ти август уште еднаш ќе ги подигнат цените за два денари нагоре. Велат дека не им се исплати да работат, одамна веќе не се ликвидни, едвај можат да поделат плати на вработените, а енергенсите биле неколкукратно зголемени, па растот на цените бил неизбежен.

Од Агробизнис комората при ССК велат дека и покрај тоа што се очекува добра жетва дома, а увозот на пченица и брашно да ги задоволи потребите на граѓаните, неизбежно ќе се продава по повисоки цени. Едноставно, трошоците се до тој степен зголемени, а помош од надлежните нема, што новите поскапувања морале да се случат. Револтирани се бидејќи државата наместо да ги стави на регулираниот пазар, ги оставила сами да се снаоѓаат како знаат и умеат да плаќаат струја по многу повисоки цени, па трошоците за енергија во комбинација со повисоката цена на трудот и поскапените суровини довела до оваа ситуација.

„Надворешните берзи на сите овие суровини, на енергијата, ја диктираат самата цена. Не може Македонија, не е изолиран остров сами да ги креираме цените на производите и влезните суровини. Тоа се пазарни цени, надворешни цени. Сето тоа ќе зависи од повеќе параметри што влегуваат во финалниот производ, такви ќе бидат излезните цени на финалните производи. Истото ќе се случува и со цените на пекарските производи“ – вели Горан Ѓоргиевски, претседател на Агробизнис комора при Сојуз на стопански комори.

Во моментов најниската цена на лебот изнесува околу 30 денари. Новите промени на цените освен поскапувања донесоа и помали пакувања. Граѓаните сè почесто забележуваат дека покрај повисоките цени, векната леб е сè полесна. Традиционалниот бел леб на парчиња „тежи“ едвај 500 грама, специјалните лебови како р’жаниот, интегралниот, лебовите со сончоглед, маслинки, микс од житни зрна се едвај 350 грама.

Инаку надлежните очекуваат добра жетва на пченица годинава. Потребите на мелничките капацитети во земјава изнесуваат околу 330 илјади тони лебно жито. Нашето производство покрива 250 илјади тони. Остатокот се увезува, најчесто од Србија. Министрите за економија и земјоделство во повеќе наврати најавија дека очекуваат добриот род годинава да направи притисок и цените колку толку да се намалат. Сепак, на терен јасно се гледа дека од овој план нема ништо, бидејќи прескапите енергенси ќе ги држат цените на високо ниво уште некое време. Лебот е меѓу продуктите што најмногу поскапеа. Неговата цена е зголемена за дури 30% споредено со лани.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.