ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Курти: Наместо Вучиќ да жали што му бил министер на Милошевиќ, тој жали што излегов од затвор

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е подготвен да разговара за обединувањето на српските општини и правата на Србите на Косово, но не како предуслов за дијалог, туку како дел од дискусијата за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина врз основа на предлозите на Германија и Франција.

Во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Курти рече дека во изминативе десет години во Брисел се склучени 33 договори, од кои две третини не се имплементирани во Србија.

„Признавам дека тие 33 договори постојат и подготвен сум сите да ги земам предвид кога во Брисел ќе почнат официјалните разговори за нормализација на односите врз основа на германско-францускиот предлог. Србија сака да го издвои тој еден договор и да ги игнорира преостанатите 32, како и германско-францускиот план. Нема да учествувам во тоа“, рече Курти.

„Ако зборуваме за нормализација на нашите односи, јас сум подготвен да зборувам за заедницата и правата на српското малцинство – но не како предуслов за разговорите, туку како нивен составен дел“, додаде тој.

На сугестијата дека Србија не е единствената виновна за неуспехот на договорот, бидејќи тој, за разлика од неговите претходници, го блокира создавањето на заедница на српски општини, Курти рече дека Србија „постојано повторува дека никогаш нема да го признае Косово“, дека Косово е „вештачка држава“, и дека „во таа наводно вештачка држава сака многу реална заедница на општини“.

„Српското решение е „не постоите, но ние сакаме нешто од вас“. Тој нема да може да го направи тоа. Покрај тоа, кога молите за нешто, секогаш треба да имате на ум дека истата молба може да биде упатена и до вас. Во Косово, малцинствата сочинуваат околу осум отсто од населението, во Србија околу 20 отсто. Србија треба да се грижи за принципот. Дополнително, и нашиот Уставен суд рече дека ЗСО не е во согласност со Уставот на Косово“, рече Курти.

Изјавувајќи дека е за реципроцитет на правата на сите малцинства на целиот Балкан, Курти ги обвини властите во Белград дека не се грижат за правата на Србите.

„Човековите права се важни за да се спротивстават на националистичките хегемонии. Но, Белград не се грижи за правата на Србите. Србија сака територијализација на тие права, а тоа е нешто сосема друго. Белград сака српските општини да ѝ се придружат на заедницата, а јас не познавам ниту еден Србин на Косово кој го бара тоа од мене“, рече Курти.

На прашањето за критиките на високиот претставник Жозеп Борел дека на неодамнешните разговори во Брисел тврдоглаво се противел на компромисот, Курти рече дека „не е тврдоглав, туку верен на принципите“.

„Постојат принципи и вредности до кои се придржувам и за кои не преговарам во Брисел. Не одиме во Брисел да зборуваме за полиција, обвинители, цариници или катастри. Таму сме како претставници на две земји за да разговараме за нормализација на односите. Тоа е дијалог за фундаментален договор, а не дијалог за надминување на кризата. „Не ни треба дијалог заради дијалог, ниту да покажеме дека Брисел е активен“, рече Курти.

„Не би одел во Брисел ако се работи само за регистарски таблички. Одам во Брисел за да склучам сеопфатен договор. Господинот Борел инсистираше само да ја потпишеме изјавата за регистрација и да ја претставиме како голем успех. Тоа беше најважното несогласување што го имав со него“, додаде Курти.

Одговарајќи на прашањето дали го оптеретува тоа што бил во затвор во времето на Слободан Милошевиќ, кога актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, беше министер за информации, Курти рече дека за него „не е толку проблематично што бил Вучиќ“, туку тоа што ни денес не покажува ни најмало жалење за тоа што бил“.

„Наместо да жали што бил министер за информации на Милошевиќ, тој жали што излегов од затвор повеќе од една година по неговото соборување. Тоа го има кажано во неколку наврати и ме нервира. Не се работи за тоа низ што поминав во затворот, туку за тоа дека малку нешта се променија во Србија“, рече Курти.

Курти во интервјуто рече дека Косово смета на поддршката од своите пријатели за да може што поскоро да се гласа за негов прием во Советот на Европа.

„Покрај тоа, во декември официјално ќе поднесеме барање за пристапување во Европската унија. Се разбира, знаеме дека членството не доаѓа во блиска иднина. Сепак, важно е официјално, формално и јавно да ја покажеме нашата желба да бидеме примени во ЕУ“, рече Курти.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.