Криза во НАТО: Францијо, мора да разговараме!
Кога не знаеш како, формирај комисија. Тоа е опуштениот одговор на НАТО на острите критики од Макрон и Елисејската палата. Американците сфатија повеќе, оценува Бернд Ригерт.
Во седумдесет години постоење НАТО постојано запаѓал во политичка криза на идентитет. Алијансата постојано работела на тоа да пронаоѓа излез од несогласувањата околу својата улога и задачи, солидарноста и финансирањето или – како што се случи по Студената војна – се редефинираше себеси. Заклучокот на крајот секогаш гласи дека одбранбениот сојуз треба да опстои во интерес на своите членки.
Така погледнато, алијансата е „успешен модел“ – за ова германскиот министер за надворешни работи е сосема во право. И таа е „успешен модел“ што треба да се сочува, бидејќи без трансатлантското партнерство не може да се замисли ниту безбедноста во Европа ниту безбедноста во Северна Америка на долг рок. Пред 50 години односите во сојузот беа оптоварени со спорот помеѓу Франција и САД околу поделбата на моќта во НАТО. Пред 25 години се поставуваше прашањето дали сојузот по распадот на Варшавскиот пакт е воопшто неопходен. Пред 15 години војната во Ирак, иницирана од американскиот претседател Џорџ В. Буш, ја подели алијансата. Листата може да се продолжи.
Одлика на меѓусебните односи сега е длабока недоверба меѓу САД под водство на Доналд Трамп и повеќето Европејци. Токму Трамп ја сметаше алијансата за излишна, бидејќи ги чинела прескапо. Во меѓувреме се чини дека сфатил оти заложбата за меѓусебна одбрана е корисна за САД, бидејќи ги врзува Европејците на Вашингтон. Критиката на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО доживеал „мозочна смрт” е израз на една длабока фрустрација. Макрон насетува дека потенцијалот на Европејците ни одблизу не е искористен и дека американскиот претседател непотребно ги шиканира.