ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Кој ги има нуклеарните шифри додека Џонсон е на интензивна?

Британската влада одби да каже кој е одговорен за нуклеарните шифри на Обединетото Кралство додека премиерот Борис Џонсон се наоѓа на одделот за интензивно лекување поради компликации со вирусот ковид-19.

На прашањето на Би-би-си дали министерот за надворешни работи Доминик Раб ги добил нуклеарните кодови бидејќи Џонсон лежи во болница, министерот Мајкл Гоув кажа: „Постојат добро развиени протоколи кои се активирани“.

„Навистина не можам да зборувам за прашањата за националната безбедност“, кажа Гоув.

Само британскиот премиер може да одобри нуклеарен напад. Таквата наредба би била пренесена на една од британските нуклеарни подморници со низа нуклеарни шифри.

Гоув кажа и дека Раб ќе ја води земјата додека премиерот е на интензивно лекување и дека нема да има одложувања на одлуката за укинување на строгите мерки на изолација.

„Лицето што ја предводи земјата според планот што го зацрта премиерот е Доминик Раб, министерот за надворешни работи“, кажа Гоув.

На прашањето дали ќе биде одложена одлуката за примената на строгите мерки за изолација, која требаше да биде разгледана вчера, Гоув кажа дека нема да биде одложена и дека ќе биде донесена колективно во владата, а дека конечната одлука ќе ја донесе Раб.

Премиерот Борис Џонсон ја мина ноќта во одделот за интензивно лекување на лондонската болница Сент Томас и неговата состојба е без промени, објавија британските медиуми утрово.

Личната борба на Џонсон со коронавирусот ја разниша британската влада во време кога земја,а според научниците, влегува во можеби најтешката недела од борбата со пандемијата.

Британскиот премиер на 27 март објави дека е заразен со коронавирусот и беше во самоизолација до неделата, кога беше превезен во болницата бидејќи симптомите не попуштаа.

Синоќа беше преместен во одделот за интензивна нега бидејќи состојбата рапидно му се влошила.

Извор од болницата им кажа на медиумите дека Џонсон добил кислород, но дека бил свесен и не е на респиратор. Тоа го потврди и Гоув.

„Премиерот доби кислород и е под буден надзор. Не е на респиратор“, кажа Гоув и истакна дека Џонсон ја има најдобрата нега во болницата Сент Томас.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.