Која е Урсула фон дер Лајен?
Изненадување од Брисел: за нов претседател на Европската комисија е номинирана германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Неа ја сметаат за повеќестрано талентирана личност, иако угледот и доби и гребнатинки
Урсула фон дер Лајен е родена пред околу 60 години во предградие на Брисел, а сега одеднаш нејзиниот политички пат би можел повторно да ја одведе во овој белгиски и европски главен град. Европските политичари вчера ја извлекоа од шеширот германската министерка за одбрана.
Сега оваа политичарка од Христијанско демократската унија, ЦДУ, која Ангела Меркел ја доведе на големата берлинска бина во 2005. година и во меѓувреме важеше како можен наследник на канцеларката, би можела да дојде на чело на Европската комисија. Таа би била прва жена на оваа функција, а конечната одлука ќе ја донесе Европскиот парламент.
Полиглотка
Првите 13 години од животот Фон дер Лајен ги поминала во Брисел. Нејзиниот татко, кој подоцна стана премиер на покраината Долна Саксонија, работел на водечки позиции во тогашната Европска економска заедница и Европска заедница- институции од кои потекнува Европската унија каква што денес ја знаеме. За разлика од многу нејзини колеги во Берлин, Урсула фон дер Лајен течно зборува англиски и француски јазик и отсекогаш многу сигурно се движи по меѓународниот паркет.
Во различни состави на сојузниот кабинет на Ангела Меркел, Фон дер Лајен извршуваше различни функции. Секогаш кон задачите пристапуваше со сличен елан, ги преиспитуваше постојните состојби, знае да ги разбранува структурите и така да предизвика одредена лутина во коалицијата поради својата способност да го спроведе тоа што го намислила.
Семејство, труд и социјала, одбрана
Оваа седумкратна мајка од 2005. до 2009. година прво беше министерка за семејство и на свој, делумно неконвенционален начин, испрати јасни сигнали до етаблираниот берлински естаблишмент. Таа воведе родителски додаток и со голема финансиска поддршка се погрижи низ целата земја да се изградат структури за грижа за децата.
Лекарка по вокација, во 2009. година, во вториот кабинет на Меркел ја извршуваше функцијата министер за труд и социјала. Четири години подоцна, во 2013. година, ја презеде функцијата министерка за одбрана. На оваа позиција помина шест години, што не му успеа на ниеден од нејзините 17, исклучиво машки претходници.
До преминот на водечката функција во Министерството за одбрана, кариерата на сојузно политичко ниво на оваа амбициозна политичарка протече без дамки. Таа ѝ беше лојална на сојузната канцеларка и личност на која Меркел можеше да се потпре и во владата и на конгресите на ЦДУ.