Кога Москва се заканува, а Вашингтон предупредува
Со оглед на тоа што односите на Москва со НАТО – а особено со САД – опасно се лизгаат кон директен конфликт, руски, американски и европски дипломати деновиве се обидоа да го спречат тој пад. Се чини дека има почетни чекори во вистинската насока – или барем не чекори во погрешна насока. Мајк Екел
Околу три часа по завршувањето на најважните европски разговори за безбедност во последните години, заменик-министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко оцени дека понатамошната деградација на ситуацијата со НАТО ќе доведе до „најтешки и непредвидливи последици за европската безбедност“.
Набргу потоа, тој го додаде ова: „Беше тешко, но искрено, но ова е веќе добро од гледна точка на состојбата на европската безбедност. Сакам повторно да нагласам дека го направивме првиот чекор напред. Ние гледаме на ова многу реално, односно немаме високи очекувања, но прагматични сме. Ако има шанса да се движиме во вистинската насока, зошто не би ја искористиле?“
Со околу 100.000 руски војници распоредени долж границата на Украина, а односите меѓу Москва и НАТО и САД се лизгаат кон директен конфликт, руски, американски и европски дипломати се обидоа да го спречат тој пад во минатата недела.
Сè уште не е јасно дали го постигнале тоа: во Вашингтон, советникот за национална безбедност на Белата куќа имаше тешки, нови предупредувања за Москва; портпаролот на Кремљ ги нарече разговорите „неуспешни“.
Сепак, во најмала рака, неколку експерти рекоа дека се чини дека се почетен чекор во вистинската насока. Или едноставно не се чекор во погрешна насока.