Ковид-19 ја втурна Македонија во најголема рецесија по 2001 година
Ковид кризата ја втурна Македонија во најголемата рецесија по 2001 година, доведе до пробивање на плафонот на јавниот долг од над 60 проценти и ја зголеми невработеноста за првпат по 2011 година, која сега изнесува 16,7%. Ова се констатира во редовниот Економски извештај на Светската Банка за земјава, чии предвидувања се дека земјава годината ќе ја заврши наместо со негативен економски раст од 4,1 процент, со негатива од -4,7 проценти. Според Светска банка целосно закрепнување на економијата не може да се очекува пред 2022 година за што пак во 2021 година би требало да има јакнење на фискалната дисциплина и резистенстност, како и намалување на фискалната ерозија и на сивата економија.
„Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето. Економските и социјалните мерки за справување со кризата ќе бидат главен приоритет, но исто така, ќе биде важно и да се продолжи со неопходните среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики, за да се постигне одржливо закрепнување и пристап во ЕУ“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Македонија.
Според Светска Банка економската поддршка од Владата помогнала во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но истовремено го стеснило фискалниот простор поради зголемување на јавниот долг, кој се предвидува дека на крајот од годината да изнесувал 61,6 проценти од БДП.
Сепак како економски ќе заврши годината ќе зависи и од тоа дали навремено ќе биде донесен четвртиот економски пакет мерки, но и како ќе се развива пандемијата и дали таа ќе доведе до рестрикции за движење. Сепак и повторно воведување на рестрикции, според предвидувањата на Светска Банка, не се очекува да доведат до толку голем шок врз економијата како што се случи во март и во април.
„Наша претпоставка е дека шокот врз потрошувачите и фирмите би бил помал, бидејќи во изминатите месеци имаа време да се присппособат и вкупниот ефект би бил помал од оној во април и мај“, изјави Бојан Шимбов, економист во Светска банка во Р.С. Македонија.
Македонија според есенскиот извештај на Светската банка за Западниот Балкан се наоѓа во средина на земјите од регионот, со оглед дека за Црна Гора е предвидена рецесија од негативен економски раст од -12 проценти и за Албанија и за Косово од -8. Регионалниот раст се предвидува да се намали за 4,8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентни поени пониско од априлската проекција. Според Банката вториот, посилен бран на пандемијата што почна во средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот.