Ковачевски: Нема ништо ново во однос на францускиот предлог, разговорите продолжуваат
Статус кво за францускиот предлог на два дена до крајот на француското претседателство со Унијата.
Премиерот Ковачевски за прв пат од неговото враќање од Брисел пред новинарите накусо одговори дека Македонија останува на истите ставови и нема никакви промени во однос на овие прашања, а разговорите со соседна Бугарија продолжуваат на ниво на експертски тимови на МНР од двете земји.
-Процесот со Бугарија се води од страна на МНР, МНР со своите експертски тимови разговараат со бугарското МНР. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите на Македонија. Во овој момент, таков предлог нема.- Димитар Ковачевски.
Македонија се уште чека на евентуален финален документ од Франција кој ќе ги содржи забелешките кои земјава ги има поставено како црвени линии во преговарачкиот процес но неизвесно е дали таков предлог воопшто ќе пристигне.
Темата Македонија и францускиот предлог не изостана од денешните консултативни средби на бугарскиот претседател Радев со политичките партии за доделување на премиерскиот мандат. Тој се пожали дека политичката класа во Бугарија, изминатите триесет години ги заборавила македонските Бугари но тоа според него ќе се промени со францускиот предлог кој ги задоволува бугарските барања.
-„Францускиот предлог“ е оформување на преговарачката рамка, каде влезе барањето за Уставот, што е исклучително важно, и тоа е праведното решение„Францускиот предлог“ ги гарантира човековите права. Но, нашето културно и историско наследство, историја, учебници, искоренувањето на говорот на омраза, однесувањето на јавните медиуми, се предмет на механизам за контрола на овој Протокол (Билатерален)-Румен Радев.
Откако еврокомесарот Вархеји вчера истакна дека не постои пречка за оддржување на првата меѓувладина конференција за Македонија и Албанија во наредните денови, за процедурите побаравме одговор од Европскиот Совет и Европската Комисија но до почетокот на вестите, одговор не добивме. Инаку, Канал 5 побара одговори и од дел од македонските експерти кои велат дека формално-правно Европската Унија може да ја одобри преговарачката рамка, без оглед дали земјата преговарач се согласува со содржината, но дека тоа било преседан.