
Речиси 90% од планираните капитални проекти биле реализирани во 2022 година. Премиерот Ковачевски се пофали дека ова е најдобра реализација во последната декада, и покрај влијанијата од економско-енергетската криза.
Плановите за годинава се далеку пооптимистични – минатогодишниот таргет од 465 милиони евра сега е зголемен на 800 милиони евра. Освен од државната каса, средства ќе се црпат преку задолжувања и ИПА фондовите.
Фокусот за претстојните 12 месеци ќе биде најголем на патната инфраструктура од Коридор 8 – од Тетово па се до границата со Албанија, како и делницата Прилеп Битола.
АВТОПАТИШТА КОИ ЌЕ ЗАПОЧНАТ СО ИЗГРАДБА ВО 2023 ГОДИНА:
Автопат Тетово – Гостивар
Автопат Гостивар – Кичево
Автопатот до границата со Албанија (Коридор 8)
Автопат Прилеп – Битола
Од покрупните проекти, според најавите на Владата, годинава конечно треба да биде изграден автопатот Кичево – Охрид, чија реализација во моментов е 75%, а треба да се финализира и првата фаза од автопатот Скопје – Блаце, како и експренсиот пат кон Деве Баир.
АВТОПАТИШТА КОИ ЌЕ ЗАВРШАТ СО ИЗГРАДБА ВО 2023:
Автопат Кичево – Охрид
Привршување на Коридор 8 кон Бугарија
Прва фаза на Скопје – Блаце
Иако поради намалениот интензитет на реализација на капитални проекти се скратија првичните средства за 100 милиони евра, Ковачевски е уверен дека годинешните планови не се недостижни.
Освен патишта, годинава ќе се инвестира и во изградба, доградба и рехабилитација на 20 градинки.
Како најуспешни ресори премиерот ги посочи транспорт и врски и МВР со по 99% реализација, образование со 94% како и труд и социјала и животна средина со над 90% реализација на капитални инвестиции. Од позначајните активности за 2022, пак, ги издвои изградбата на патот Крупиште-Кочани, гасоводот до Битола и засилената изградба на браната Коњско, втора по големина во државата.