Ковачевски-Брнз: За трајна енергетска независност на С Македонија потребно е интензивирање на економската соработка со САД

На средбата помеѓу премиерот Ковачевски и амбасадорката на САД, Брнз, се разговараше за продолжување на економската соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на поттикнување проекти и инвестиции кои на С Македонија ќе ѝ овозможат трајна и одржлива енергетска независност
Претседателот на новата Влада на С Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која му посака успех во спроведувањето на целите на новиот владин кабинет, меѓу кои и соработката со САД како стратешки партнер на земјата.
На средбата помеѓу Ковачевски и Брнз се разговараше за продолжување на економската соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на поттикнување проекти и инвестиции кои на С Македонија ќе ѝ овозможат трајна и одржлива енергетска независност.
Меѓу другото, на средбата беше истакнато и дека С Македонија и регионот остануваат важен геостратегиски интерес за Вашингтон и во таа насока од клучна важност за САД е деблокиање на евроинтеграцискиот процес на земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворање на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнз нагласи и дека најавената посета на премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков и на членовите на неговата влада е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи за двете страни.
Амбасадорката Кејт Мари Брнз, пак, потенцираше оти за САД односите меѓу двете земји, како најблиски соседи и сојузници во НАТО, е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања што ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.