Клиниката за Онкологија го чува КАТО системот кој спречува кражба на цистостатици за украс, а не знае ни дали им се исплати да го користат

Клиниката за онкологија од 2017 година го има, а не го користи системот кој оневозможува да се манипулира со цитостатици, а се мисли да купи друг систем, додека првиот 5 години фаќа прашина. Така, 350 илјади евра кои што веќе се платени од даночните обврзници, ризикуваат засекогаш да останат фрлени во вода, како што биле и изминатите пет години.Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска потврди дека од 2017 година системот за контрола на цитостатици КАТО, со кој е невозможно да се украдат или да се манипулираат дозите – е заклучен во аптеката на Клиниката за онкологија и не се користи. Наместо одговори зошто системот не се користи, министерот најави дека можно е пак да се трошат парите на даночните обврзници за набавка на сосема нов систем. За систем кој веќе е пет години набавен – Министерството допрва ќе испитувало дали им се исплати.
– Јавноста треба да знае дека системот КАТО не е фрлен во подрум туку заклучен во клиничката аптека. Неколку месеци наназад правиме финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Со ребалансот на буџетот предвидуваме систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина, најави Меџити.
Необјаснето остана зошто Клиниката за онкологија прво го купила системот, пет години го чувала да фаќа прашина, па дури отпосле решила да прави финансиски анализи за исплатливост.
Директорката на Клиниката за Онкологија доктор Виолета Клисаровска истакна дека колегиумот на Онкологија најостро го осудува секое несовесно, нестручно работење.
-Апелираме да не се генерализира. Нарушена е довербата меѓу лекарите и пациентите. Одговорно тврдам дека пациентите од ноември 2022 година ја добиваат препишаната терапија, дозата, типот на лекот без никаква манипулација. Има стручен колегиум со 12 раководители и таму се одлучува кому ќе му се даде терапијата. Знаевме дека имало обид за кражба, но лицето било вратено. Но не можев да осудувам тогаш. Кога се утврди дело, делував како што треба. Лековите нормално се разредуваат во физиолошки раствор, но тоа не значи дека во него нема да има лек или дека ќе се преполови дозата. Од ноември 2022 одговорно тврдам дека секој пациент ја добива терапијата без никаква манипулација со лековите. Ве молам без такви шпекулации, премногу се вознемируваат пациентите, рече директорката Клисаровска.
Таа рече дека и претходно имала индиции за злоупотреби од колегите ама не можело без доказ никој да се осуди. Медицинската сестра фатена двапати со цитостатици со намера да ги изнесе од Клиниката, добила отказ дури после втората кражба.
Слободен печат доби фотографии од 2016 година кога системот бил набавен и ставен во функција на Клиниката за онкологија. Клиниката дури и има објавено видео-материјали како ги обучува медицинските сестри да работат со овој систем, кој пет години подоцна се двоумат дали им е исплатливо неговото користење