И Ковачевски и Мицкоски сигурни во победа – гласачите ќе пресудат
Средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски, и Христијан Мицкоски ќе има, откако партиските органи ќе заседаваат, но не пред очите на јавноста, потврди премиерот Ковачевски, кој рече дека е нормално таквата средба да биде зад затворени врати и на неа да се разговара за кандидатите за техничка влада. На прашањето дали ќе го покани Мицкоски на договори за техничката влада, Ковачевски одговори дека техничката влада е законска одредба и дека има комуникација меѓу сите политички партии во парламентот.
-ЗАКОНСКА ОДРЕДБА Е ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА. НЕМОЈТЕ ДА СМЕТАТЕ ДЕКА НЕМА КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ СИТЕ ПАРТИИ. ОТКАКО ПАРТИСКИТЕ ОРГАНИ ЌЕ ЗАСЕДАВААТ, ЌЕ ИМА СРЕДБА КОЈА НЕМА ДА БИДЕ НАЈАВЕНА ПРЕКУ МЕДИУМИ, ТУКУ ЌЕ ИМА НОРМАЛЕН РАЗГОВОР ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ТОА ШТО Е ОПРЕДЕЛЕНО СОГЛАСНО ЗАКОНОТ, ОДНОСНО РАСПРЕДЕЛБА НА РЕСОРИТЕ ВО ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ИЗГЛАСУВАЊЕТО НА ТАА ВЛАДА ВО СОБРАНИЕ И ПОДГОТОВКА ЗА ИЗБОРИ, ИЗЈАВИ КОВАЧЕВСКИ, КОЈ И ПРЕТХОДНО РЕЧЕ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ТЕХНИЧКО ПРАШАЊЕ И ДЕКА ТОА НЕМА ДА БИДЕ ПОМПЕЗНА ЛИДЕРСКА СРЕДБА КАКО ШТО ОБИЧНО ЗНААТ ДА БИДАТ.
Иако сè уште не открива имиња, актуелниот премиер е убеден дека кандидатите на СДСМ на претстојните избори ќе ги поразат носителите на листи од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се шпекулира дека покрај Христијан Мицкоски, се и Владо Мисајловски, Драган Ковачки и други.
-СДСМ ЌЕ ИМА КАНДИДАТИ КОИ ЌЕ ГИ ПОБЕДАТ СИТЕ КАНДИДАТИ ШТО ГИ НАБРОЈАВТЕ, ПОРАЧА КОВАЧЕВСКИ.
Во однос на празното место во ДИК, премиерот рече дека составот е регулиран во согласност со закон и им порача на Собранието и на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да постапат согласно закон и да го комплетираат составот на ДИК.
Претходно, Ковачевски рече дека негова законска обврска е на 100 дена пред одржување на изборите, како претседател на Влада, да поднесе оставка и рече дека тој ќе го направи во законскиот рок. Обврска на политичките партии, пак, согласно закон, е да делегираат свои претставници во таа техничка Влада што ќе ги спроведе изборите, рече Ковачевски и им порача на ВМРО-ДПМНЕ да не бараат изговори, туку да ги исполнат обврските и да бидат дел од техничката влада.
Иако во ВМРО-ДПМНЕ сè уште не одлучиле, лидерот Мицкоски потврди дека ќе учествуваат во техничката Влада, која ќе ја предводи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, но ќе се воздржат од гласањето за составот на преодната влада, затоа што „изборот на првиот човек што ја води таа влада, е спротивен од законот на којшто таа техничка влада се повикува“. Мицкоски смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, за да спречат изборен поткуп каков што имало на последните локални избори. Тој најави дека деновиве партиските органи ќе донесат одлука околу учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада што треба да ги подготви претседателките и парламентарните избори идната година.
– МОЈОТ СТАВ Е ДЕКА ВО ЕДНИ ВАКВИ УСЛОВИ, КОГА Е ТОА РЕГУЛИРАНО СО ЗАКОН, ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА УЧЕСТВУВА ВО ТАА ТЕХНИЧКА ВЛАДА. ТРЕБА ДА НОМИНИРА СВОИ ПРЕТСТАВНИЦИ, НО ИСТОВРЕМЕНО ТРЕБА ДА СЕ ВОЗДРЖИ ОД ГЛАСАЊЕТО НА СОСТАВОТ НА ТАА ВЛАДА, ЗАТОА ШТО ЦЕНИМЕ ДЕКА ИЗБОРОТ НА ПРВИОТ ЧОВЕК, ШТО ЌЕ ЈА ВОДИ ТАА ВЛАДА, Е СПРОТИВЕН НА ЗАКОНОТ НА КОЈШТО ТАА ТЕХНИЧКА ВЛАДА СЕ ПОВИКУВА, ВЕЛИ МИЦКОСКИ.
ДУИ и СДСМ се договорија во техничкиот предизборен период, Владата да ја предводи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери. Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, неодамна предупреди дека техничка влада со Талат Џафери на чело ќе се движи кон лоши избори и изборни манипулации и затоа опозицијата треба да номинира министри и заменици министри во техничката влада, сè со цел „да падне побрзо владата на СДС и ДУИ“.
Според законот за техничка влада, којашто би имала мандат само да спроведува избори, опозицијата би требало да номинира министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика, и тројца заменици – во ММинистерството за финансии, во Министерството за информатичко општество и администрација, и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Партиските лидери се договорија првиот круг од трката за шеф на државата да се одржи на 24 април, а вториот круг да биде заедно со парламентарните избори на 8 мај. Техничката влада во Собранието треба да биде изгласана на 28 февруари.