ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Историјата не се повторува, дури ни како фарса

Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа надвор од рамките на договорот. Тука немавме маневарски простор, зашто барањата се однесуваа на прашања за кои не се преговара, вели претседателот

Бугарското вето за почетокот на македонски преговори со ЕУ предизвика тектонски потреси на релација Скопје-Софија. Со претседателот на државата, Стево Пендаровски, разговаравме за сите аспекти на тој чин, но во атмосфера на уште еден тектонски потрес – оној што во јавноста го предизвика интервјуто на премиерот Заев за бугарската агенција Бгнес.

ДВ: Претседателе, основана ли е нашата изненаденост од бугарското вето, ако се знае дека во октомври 2019 година бугарскиот парламент усвои декларација за „рамковната позиција“ на земјата во која беа содржани сите барања со кои сега е условена нивната поддршка за нашиот почеток на преговори. Што направивме ние како одговор на таа позиција, која во септември годинава беше и детално преточена во бугарскиот објаснувачки меморандум до членките на ЕУ?

-Претпоставувам дека сите бевме изненадени од истакнатата формална блокада од страна на Бугарија на последниот Совет за општи  работи, меѓутоа, за мене не беше изненадување промената на бугарската позиција што почна да се случува минатата година. Од тие причини, откако одржав серија состаноци со нашиот дел од комисијата на историчари и со професори и дипломати, познавачи на билатералните односи со Софија, јас излегов со изјава која содржеше општа рамка за можен компромис во однос на тогаш актуелното прашање за Гоце Делчев. Реакциите во македонската јавност беа во рамки на моите очекувања, меѓутоа ме изненадија реакциите од бугарска страна. Имено, тоа не беше препознаено како обид за компромис во кој и двете страни треба да направат напор и да напуштат некои од свои комунистички историски аксиоми кои се еднодимензионални. Наместо тоа, во Софија беа уверени дека е дојдено времето кога македонската страна треба, во целост, да се усогласи со нивниот историски наратив. За жал, дури и предлогот од наша страна за приклучување кон комисијата на историчари од трета држава со статус на стручни консултанти беше одбиен, иако е јасно дека кога имате две спротивставени историски вистини, стручната помош од трета, непристрасна страна не може да му наштети на процесот. Нашата „изненаденост” може да се оправда со фактот дека Декларацијата на бугарското собрание и нивниот објаснувачки меморандум до ЕУ несомнено излегоа надвор од рамките на билатералниот договор. Тука ние немавме практично никаков маневарски простор за било каков одговор, затоа што барањата на Бугарија се однесуваа на прашања за кои не се преговара.

ДВ: Премиерот Заев изјави дека сѐ уште вложуваме напори за решение, а лидерот на ДУИ дека за таа цел со Софија се разменети понуди и документи. Какви се шансите да стигнеме до решение кога сме условени со неприфатливи тези за македонскиот јазик и идентитет? И можеме ли воопшто да се надеваме на решение, во кое ќе нема вграден простор за натамошни „мини“ на нашиот интегративен пат?

-Веќе имам изјавено дека по целиот бараж од изјави кои во последниот месец пристигнуваат од Софија, шансите да се дојде до решение се минимални, иако постојат. Тоа е така, затоа што станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал, ниту ќе преговара. Дали во евентуалното решение ќе има вградени „мини“, како што ги нарекувате, тоа не зависи воопшто од евентуалното решение на актуелниот спор, ако до тоа воопшто дојде. Имено, ако не влегувате со добра верба при потпишување на договорот, секогаш може да измислите причина за да не го почитувате, а комплексноста на процесот на европски интеграции дава доволно процедурални можности за такви опструкции.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.