Институтот за белодробни болести и туберкулоза ќе прими 50 пациенти со Ковид-19, а клиниките за дерматологија и неврологија вкупно 74
Поради пополнување на капацитетите на Инфективната клиника и на модуларната болница, со одлука на Министерството за здравство, пациенти со Ковид- 19 ќе се третираат и во други здравствени установи.
Прием на пациенти со Ковид- 19, во следниот период ќе се врши на Клината за неврологија, но и на Клиниката за дерматологија. А, нов Ковид центар станува Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза . Во овие здравствени установи ќе бидат подготвени 30 до 50 кревети, за прием на пациентите.
Искуството кое лекарите од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза до сега го споделуваа со колеги од Инфективната клиника, болницата „ 8 Септември“ и таа во Козле, наскоро ќе го применуваат на свој терен. За болните од Ковид-19, во новиот Ковид центар, се подготвуваат 50 кревети, а со подршка на Министерството за здравство, очекуваат бројот на кислородни концентратори за пациентите да се зголеми, за да почнат да работат.
- Кислородната подршка ние ја покриваме со кислородни концентратори. Кај нас ќе бидат хоспитализирани пациенти болни од Ковид-19, со лесна и средна клиничка слика. Ние имаме 10 такви наши концентратори. Чекаме од Министерството за здравство и други концентратори кои се потребни за овој капацитет што го имаме , да ги добиеме и од тој момент, може да почнеме да работиме, вели Арбен Љабеништа- директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
На Клиниката за дерматологија на располагање ќе бидат 30 кревети за зарарени со корона вирус. Според в.д. директорката Сузана Николовска, дел од нивните пациенти ќе се префрлат на Клиниката за Ревматологија , но под нивен надзор, а за болните од Ковид ќе имаат стручна помош од интернисти и пулмолози. А, на Клиниката за неврологија треба најпрвин да се згижат нивните 650 тешко болни пациенти и да се обезбедат услови за работа со болни од Ковид, а потоа да се примаат.
- Сепак ќе биде процес и не може да се направи преку ноќ. Инаку ние на располагање имаме 44 кревети. Од кои 22 кревети се со довод за кислород. И тоа беше причината и идејата да можеме да помогнеме во оваа ситуација, рече Иван Барбов- директор на Клиника за неврологија.
Патувања или контакт со заболени од Ковид се причините поради кои граѓаните најчесто се тестираат. Некои се незадоволни што долго чекале и што од свој џеп ќе мораат да го платат тестот.
- 10 дена чекам. Видов- не видов дојдов, морам да платам. Бев во контакт со заразен. Сега не чувствувам ништо, немам симптоми. Меѓутоа, сакам да се тестирам, да видам на што сум, вели една жена.
- Чекам 15-20 минути, а сигурно и уште толку. Ова е тест за патување. Затоа чекам, рече еден маж.
- Долга е редицата, меѓутоа брзо оди, зашто и тестот е едноставен, земањето бриз. Инаку ми треба за патување, вели друга жена.
Сега, 60 пациенти се лекуваат во болницата „ 8 Септември“, а има 10 слободни кревети, а во болницата во Козле , каде се слободни 6 кревети за деца и 4 за возрасни, на третман се 19 деца и исто толку возрасни пациенти.