ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Имаме колекција од „чисти“ препораки и „најдобри“ извештаи – ама ништо без датум, другари!

Сѐ повеќе се убедувам дека преговорите за членство во Европската унија се последна шанса оваа земја да се доведе во ред и да почнат неопходните промени. Во преговарачкиот процес, кој ќе потрае, оваа и сите идни влади ќе бидат принудени да спроведуваат суштински реформи, за од Македонија да  направат држава способна да биде во друштво на најнапредните држави и општества, да ги користи предностите на тој статус, но и да исполнува обврските што произлегуваат од него.

Во таа смисла, за мене почетокот на преговорите не се прашање на престиж на една политичка гарнитура, или дури и прашање на успех на нашата татковината, важен и пресуден затоа што наводно сме немале „резервна“. Не, ничиј политички престиж не ме засега. А во време кога параходите секојдневно ги товарат нашите деца во потрага по нивната ubi bene ibi patria (дома ми е каде што ми е добро), паролата „немаме резервна татковина“ станува една бесмислена флоскула.

Едноставно, јас, а верувам и многу од вас, почитувани читатели, веќе нетрпеливо очекуваме да почнеме да живееме во едно нормално, цивилизирано општество. Она што ни беше ветено како „живот“ баш и не излезе некој \ивот, барем на за сите. Знаеме дека оваа земја можеби не може да биде богата како Шведска, Данска или Холандија, на пример, но бездруго може да се потсреди и да биде многу понапредна. За помладите да можат да ја препознаат како родно огниште од кое не се бега (бидејќи во него тлее макар жарче надеж), а ние повозрасните да поуживаме малку гледајќи како полека се остварува еден сон кој со децении ни се чинеше недостижен.

Затоа, признавам, моите причини зошто сакам нашиот воз што поскоро да застане на преговарачките шини што водат кон Брисел, се крајно себични. Сакам бре мене да ми биде подобро! Баш ми е гајле што од тоа ќе добие или ќе изгуби Заев или таму не знам кој! Сакам на нашите деца да им биде подобро! Бидејќи ако не тргнеме таму каде што ветивме дека сме кинисале, им оставаме хаос што ќе ги принуди чарето да си го бараат во една од нивните многубројни „резервни“ татковини, ширум светот што сега пак куќа братска им е (Рацин).

Без еден жесток притисок, какви што е преговарачкиот процес за членство во елитното европско друштво, овие политички водства во Македонија немаат ни желба, а ни капацитети за коренити реформи. Не бидете наивни, не се залажувајте со извештајот на Европската комисија! Тој е внимателно избалансиран, за умните да ги прочитаат слабостите на кои ни укажува европската администрација, но и уште повнимателно исполиран, за тој документ да биде претставен како заслужена награда за владата на Заев, за успешното консолидирање на земјата на меѓународен план. Настрана од тоа, совршено е јасно дека реформските капацитети на оваа влада се крајно ограничени, во секоја смисла. Заев тешко ќе се ослободи од замката на популизмот во која самиот упадна, а и нема кога – времето до истекот на неговиот мандат е кратко и тече брзо.

Ако до крајот на оваа година преговорите со ЕУ не почнат и ако тоа не се соопшти релативно брзо, Заев ќе си остане со мантрата „имаме чиста препорака и го добивме најдобриот извештај досега“. Така своевремено се фалеше и Никола Груевски. И? Ене го во Пешта, шета од банкомат до банкомат. Имаме ние многу „најдобри извештаи“, ама без конкретен датум за почеток на преговорите, наградата на Брисел за Заев ќе остане евтина цуцла лажалка и тоа ќе биде јасно препознаено од сите. Не верувам дека владејачката партија тогаш ќе може да го одбие притисокот на опозицијата да распише предвремени избори и потоа пак ќе се вртиме во нашата погубна, самоуништувачка спирала – ќе се занимаваме со самите себе, пак ќе се крвиме, пак ќе се лажеме, пак ќе ветуваме, пак ќе избираме од лоши полоши. Луѓе мои, па до кога?

За жал, шансите да добиеме датум за преговори самите, без Албанија (каде што ситуацијата е флуидна), се мали. Берлин веќе соопшти дека летово нема да одлучува за датум. Париз е воздржан, како и многу други европски метрополи. Во меѓувреме, над Балканот повторно се надвиснуваат црни облаци, зашто Белград и Приштина веќе се гледаат преку нишан. Како колатерал, може многу лесно да се случи ние повторно да шлапнеме во нужникот наречен „безбедносно прашање“. А ЕУ не преговара со земји кои тоа прашање го немаат цврсто затворено, дома и регионално.

Ете затоа, да не се тупкаме в гради со европскиот извештај. Добар е и – толку. Како и секое друго чудо кај нас, така и ова ќе трае три дена и после ќе се заборави. Неопходно е владата на Заев да се фокусира на најважното прашање и да се консолидира не со „чиста препорака“, туку со чист, конретен датум за почеток на преговорите. Јас се согласувам со министерот Никола Димитров кога вели дека не е трагедија објавата на датумот да се случи и во септември или во октомври, ако преговорите почнат до крајот на годината, но мислам дека на Заев и на неговиот дрим-тим (што се менува хокеарски), богами опасно им се брза.

Убаво и човечки од нас (читај: себично, во смислата што веќе ја објаснив) би било сите, секој на свој начин, да му помогнеме. Малку зависи од нас, но и тоа малку е важно, а понекогаш знае да стане пресудно. Но, за жал, Заев покажа неверојатен талент да бара помош и поддршка само таму каде што добива слепа лојалност (привремена, зашто лојалноста е расиплива стока), некомпетенција, тони лицемерие и соодветно на тоа, уште поголеми проблеми и штети. До ден денес јас не можам да сфатам зошто е тоа така. Но, тоа веќе е тема за мојата следна колумна.

Сега велам, дај боже да ни се посреќи, макар било како во онаа народната – и ќоравото пиле умее зрно да клукне.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.