ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Или сите победници, или сите губитници“ – Димитров: Ќе биде тешко зборовите на ЕУ да се третираат со доверба

Северна Македонија и Бугарија треба да продолжат со разговорите за да изнајдат решение, со цел Скопје да ги почне преговорите со ЕУ, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. „Или сите ќе бидеме губитници, или сите победници“, додава тој.

Димитров вели дека не треба да се кренат раце, додавајќи дека во актуелното португалско претседателство со ЕУ има посветеност да се направи сѐ што е можно.

Но, од друга страна пак, заменикот-министер за надворешни работи на Словачка, Мартин Клус вели дека одвојувањето на пакетот Македонија-Албанија е неприфатливо за неговата земја, бидејќи и Скопје, и Тирана заедно треба да ги почнат преговорите.

„Полесно е за двете земји, а полесно е и за нас, бидејќи така полесно ќе ги споделиме своите искуства, вклучувајќи ги и оние коишто ги имавме во Словачка и кои не се само позитивни, секако. Сигурен сум дека ако двете земји ги започнат преговорите заедно и двете ќе станат членки на ЕУ мошне побрзо. Тоа е нашата стратешка цел во Словачка“, истакна Мартин Клус.

Говорејќи околу словенечкиот т.н. „нон пејпер“ , Клус рече дека тоа е опасна идеја и дека „историските духови за прашања како промена на граници треба да останат вон масата“.

Во однос на спорот со Бугарија, денеска се произнесе и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која рече дека не очекува пресврт во односите Скопје-Софија, сѐ додека кај бугарската страна не најдат партнер.

-Има еден дел од обврски што не зависат од нас. Ние не можеме да ја избереме бугарската Влада и не можеме да го создадеме преговарачот од другата страна. Тоа на што не можеме да влијаеме погрешно е да го прогнозираме, изјави таа, заклучувајќи дека до јуни треба да ги потсетиме сите дека Северна Македонија ги исполнила обврските и дека очекува иста посветеност и доследност и од ЕУ.

Ве молиме следете не и стиснете лајк
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.