Избори 2020: „Левица“ ја „бомбардира“ ДИК со 425 приговори со најава за нови
Левица“ во текот на денот поднесе дури 425 приговори до Државната Изборна Комисија (ДИК) на резултатите од предвремените парламентарни избори во средата, а до истек на рокот (вечерва, 19,30 ч.) се најавени и нови од партијата која за првпат ќе учествува во работата на Собранието. Лидерот Димитар Апасиев смета дека, покрај двата потврдени мандати, на „Левица“ и следуваат уште три пратенички места.
Од „Левица“ обвинуваат за бројни нерегуларности во процесот на броење и сумирање на резултатите од гласањето, како и по добиените информации за направени манипулации и фалсификати. Приговорите се однесуваат на голем дел од избирачките места во повеќе изборни единици во кои набљудувачи на партијата, но и други лица кои непосредно беа сведоци на броењето на гласовите, „ни дадоа информации за манипулации спроведени од страна на лица на ДИК“, се наведува во партиското соопштение.„Со овие манипулативни активности директно е оштетена политичката партија „Левица“ на која ѝ се скратени три пратеници, а директно е нарушено и правото на избор на граѓаните чии гласови не се правилно валоризирани. Дополнително, ја известуваме јавноста дека поднесувањето приговори ќе продолжи и во текот на денот до завршување на законскиот рок од 48 часа“, гласи соопштението на „Левица“.
ДИК во недела, понеделник и вторник ќе одлучува по приговорите кои ќе бидат поднесени во законски пропишаните рокови. Во текот на вчерашниот ден пристигнаа вкупно 82 приговора.