ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Изборите можат да се одржат на 5 јули, но без собири и средби со граѓани во кампањата, оценува Османи

На 5 јули можат да се одржат предвремените парламентарни избори, а што се однесува до кампањата во вакви услови, на сите им е јасно дека нема да може собири и средби со граѓаните, вели вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања во смисла на собири и средби со граѓаните не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги обавуваат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има предвид при донесување на конечната одлука. Датумот на избори треба формално да го потврди претседателот на Собранието, изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите од 12 април. Да почекаме да видиме уште неколку денови како ќе се одвиваат консултациите и пресекот на епидемиолошките трендови“, рече Османи.

За уредбата која е изгласана вчера од страна на Владата, а во која останува рокот од 22 дена по истекот на вонредната состојба да се одржат изборите, Османи кажа дека се допрецизирале обврските кои ќе ги има Министерството за здравство, односно, начинот на обезбедување на заштитни средства за Државната изборна комисија.

„Со вчерашната уредба направивме прецизирања од аспект на контролата на изборната листа, повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски кои ќе ги има Министерството за здравство за да ги обезбеди заштитните средства за ДИК. Јас сè уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи идните денови, сè уште мислам дека има простор за еден правичен, инклузивен процес на 5 јули. Околу вонредната состојба, очекувам дека проценката ќе се направи во текот на утрешниот ден и не сакам да прејудицирам, бидејќи идејата беше на крајот од неделата, еден ден пред да истече рокот да направиме еден пресек на епидемиолошките трендови и потоа да му предложиме на претседателот понатамошни одлуки“, додаде Османи.

Тој кажа дека ниту на политичарите не им е лесно да зборуваат за избори во време на зголемен број на заболени од коронавирус, но ќе се обидат да ги менаџираат двете состојби.

„Македонија е уникатен случај во светот, без парламент. Во услови на зголемени услови на случаи ние не сакаме да зборуваме, но изборите ни се наметнати како тема. Се соочуваме со потешкотии, немаме парламент, техничка влада која беше предвидена да спроверува избори, а не да се справува со ваква пандемија. Згора на тоа го имаме овој втор бран. Здравјето е на прво место секогаш“, изјави Османи.

Тој се согласува со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји дека се потребни фер, демократски и инклузивни избори, со земање предвид и на состојбата со пандемијата предизвиана од коронавирусот. Османи смета дека неговата медијација во утврдување на датум за избори не е проблематична, бидејќи, како што вели со добивањето на одлука за почеток на преговори со ЕУ, земјава веќе станува внатрешно прашање на Унијата.

„Во однос на медијацијата мислам дека ние веќе стануваме внатрешно прашање на ЕУ со фактот дека добивме одлука за започнување на преговорите и медијацијата односно помагањето од страна на ЕК не го гледам како прашање на надворешно посредување. Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние веќе сме дел од семејството. Тоа е како некој внатре во државата да посредува меѓу одредени политички партии или институциите. Така ја разбирам и улогата на комесарот Вархеи кој е комесар на Унија каде ние веќе полека стануваме дел. Така што добредојден е тој вид на медијација и се надевам дека политичките партии ќе смогнат сили да постигнеме консензус. Се согласувам апсолутно со неговиот твит дека се потребни фер демократски  и инклузивни избори имајќи ги предвид сите околности во врска со пандемијата“, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.