„Ивермектин“ има само во неколку дежурни аптеки на „Зегин“ и може да се добие само на рецепт

Обиколката што ја направи „360 степени“ низ аптеките во Скопје покажа дека лекот го има во неколку аптеки на „Зегин“ (Буњаковец, Градска болница „Свети Наум Охридски“) кои работат како дежурни 24/7, а во текот на денот треба да биде дистрибуиран и во другите аптеки
И покрај најавите од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) вчера и од Министерството за здравство денеска дека лекот „ивермектин“, кој помага во лекувањето на ковид-19, од денеска се наоѓа во аптеките, засега го има само во неколку аптеки од синџирот „Зегин“.
Обиколката што ја направи „360 степени“ низ аптеките во Скопје покажа дека лекот го има во магацинот на „Зегин“ и е достапен за пациентите во неколку аптеки на „Зегин“ (Буњаковец, Градската болница „Свети Наум Охридски“) кои работат како дежурни 24/7. Во текот на денот ќе биде дистрибуиран и во останатите аптеки, велат од компанијата.
Прашавме во уште три поголеми синџири на аптеки („Еурофарм“, „Виола“ и „Бети“), но ни одговорија дека засега тој лек таму го нема.
Во сите аптеки, вработените беа децидни дека лекот ќе може да се зема само на рецепт и дека не е во слободна продажба.
Од Министерството за здравство претходно денеска соопштија дека лекот е пристигнат во земјава.
На ова реагираше матичниот лекар Ненад Лазаров, кој на својот фејсбук-профил, споделувајќи ја информацијата што ја објави министерот за здравство Венко Филипче, напиша дека се работи за лажна вест бидејќи лекот сѐ уште го нема во аптеките. Во тој контекст беа и коментарите на неговата објава, меѓу кои има и од сопственици на аптеки кои го тврдат истото – дека лекот кај нив не е пристигнат.
Еве лажна вест! Лекот ГО НЕМА во аптеки, а ниту еден матичен лекар не е информиран ниту се дадени никакви…Posted by Nenad Lazarov on Tuesday, January 12, 2021
Според МЗ, лекот што е пристигнат во земјава е набавен од производител од Турција (ERMETIN на производителот „World Medicine Ilac San.Ve.Tic), а малопродажната цена е 299 денари.
Тој претходно ги поминал сите фази на одобрување во Министерството за здравство (МЗ) и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, потврдија од МЗ.