ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Зошто Заев не прифаќа дуел со Мицкоски?

Демократски е да се прифати дуел со политичкиот противник, велат упатените по барањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за дуел со премиерот Зоран Заев. Не смее да се повтори начинот на кој се однесуваше Никола Груевски, кој со години не прифати дуел, додаваат тие.

„Го повикувам каде сака, на Сител, на Канал 5, на МТВ, на сите заедно, да отвориме дебата, да разговараме за прашањата во Македонија”. Со овие зборови во декември, пред новата 2015 година, тогашниот опозициски лидер Зоран Заев го повикуваше тогашниот премиер Никола Груевски да се соочат на телевизиски двобој. Од ВМРО-ДПМНЕ низ годините одбиваа оправдувајќи се со презафатеност, дека не можеле се што ќе побара да му исполнат или условувајќи го со други теми.

Сега, пак, наследникот на Груевски на партиската функција, Христијан Мицкоски, постојано бара дуел со премиерот.

“Бирај и место и водител и време, пред Нова година јас и ти тет а тет да збориме отворено” порача Мицкоски и вчера од протестниот марш во Скопје.

Премиерот, пак, сега вели дека прифаќа телевизиски дуел во кое било време и на кој било медиум, но само ако Мицкоски претходно се изјаснел дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, а ако не бил за тоа требало јасно да го каже и да понуди алтернатива.

Поранешниот премиер Груевски не прифати ТВ дуел со ниту еден опозициски лидер од 2006 година за што често беше критикуван од СДСМ. Начинот на кој се однесуваше Груевски во однос на политичката комуникација не смее да ни се повтори, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

“Не може вие да условувате дуел, тоа ги критикувавме и порано, со претходно исполнување на одредени услови односно да се соопштат одредени ставови за конкретни прашања. Сите ставови за сите прашања ќе се соочат тогаш кога ќе има ТВ дуел”, вели Трајкоска.

Таа додава дека секогаш за опозицијата е полесно да бара дуел и да критикува отколку за власта тоа да го прифати.

Телевизиските дуели се секогаш наклонети кон опозицијата затоа што таа нема одговорност, а незадоволството секогаш е наклонето кон власта зошто кај неа е и одговорноста, смета и политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

“Не појавувањето на ТВ дуел особено на лидерите секогаш е производ на политичка стратегија, тоа не е демократско правило. Демократски е лидерите да може да се соочат на ТВ дуел, луѓето да ги видат нивните ставови и какви се нивните перформанси на ТВ дуел. Така што треба да има соочувања и не треба да се избегнуваат од кој било политичар” вели Арсовски.

Тој нагласува и дека прашањето што се отвора е колку често треба да има дуел за да се задржи демократскиот дух, а притоа тоа да не се претвори во кампањата за опозицијата. Не може да има ТВ дуел еднаш неделно, додава тој, потенцирајќи дека во кој било случај препораката од демократските институции е дека треба да има соочувања.

Последен пат премиерот и првиот опозиционер се соочија пред седум месеци. Една од главните теми за кои дебатираа во мај Мицкоски и Заев беа преговорите за името кои се уште беа во тек.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.