ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Зошто апелационите судии ја криеја одлуката за „ослободување“ на Мијалков? – Ја донеле на 5 декември, ја објавија по 11 дена

Одлуката за поништување на пресудата за „Тврдина таргет“, кривичниот совет во Апелација ја донел уште на 5 декември, дознава Телма од судски извори. Ден подоцна беше објавено дека тим за санкции на САД е во Македонија и врши поагресивен увид во случаите на високо профилирана корупција.

Петте судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева почекале, односно ја сокриле својата одлука за привремено помилување на Сашо Мијалков кој е на црната американска листа поради корупција и масовно прекршување на човекови права со нелегално прислушување за што и беше предметот „Тврдина Таргет“.

Откако беше објавено дека американскиот тим за санкции си заминал, судиите почекаа три дена и во петок попладне ја објавија својата одлука преку веб страната на Апелациониот суд. Во пресудата има само кратко објаснување што според нив е згрешено во првостепената пресуда.

„Првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“, соопштија од Апелациониот суд за „Тврдина таргет“

Бидејќи судиите одолговлекуваа со својата одлука и наместо да ја донесат во побрз рок, а не година и пол по поднесените жалби, неколкупати биле предупредувани на колегиум дека со своето одлучување може да ја спречат правдата и да го застарат делото за масовното прекршување на човекови права во Македонија, објаснуваат за Телма судии кои не биле вклучени во процесот.

Истите извори тврдат дека петте судии се жалеле како предметот за Мијалков и останатите им е огромен поради што добиле поддршка од судот, односно им била доделена дактилографка која постојано била задолжена за нивните потреби во предметот „Тврдина таргет“. Одолговлекувањето придонесе и судијката која учествувала во ослободувањето на Мијалков, четири дена подоцна да биде пензионирана.

Станува збор за Лидија Чачева чие име веќе не и ниту на листата на судии во Апелациониот суд. Советот го водел Јани Нича, долговечниот судија кој пред две години се жалеше дека Вилма Русковска му се заканувала дека „ќе го истресе од гаќи“, затоа што на Катица Јанева и определи домашен притвор.

Известител на случајот „Тврдина таргет“ бил Енвер Беџети кој е цели 10 години во Апелација, иако претходно имаше четири пати пократок стаж во кривичниот суд. Беџети и Ѓоко Ристов се дел и од овој совет што ја поништи пресудата, а лани пред Нова Година двајцата го ослободија Сашо Мијалков од притвор со гаранција од над 11 милиони евра, иако претходно гаранциите на Мијалков беа отфрлани. Ристов е избран за апелационен судија пред две години.

Последниот член на советот е Тања Милева, сопруга на поранешниот адвокат на Зоран Заев, која поради блиски врски со поранешниот премиер бараше изземање од случајот „Поткуп“ каде беше обвинет Заев. Милева е избрана за апелационен судија како третопласирана на конкурсот неколку месеци, откако СДСМ дојде на власт, а нејзиниот сопруг (Игор Милев) беше член на ДИК предложен од партијата.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.