Зеленски очекува засилена руска офанзива на истокот од земјата

Украина се подготвува за нова руска офанзива. Претседателот Зеленски предупреди дека непријателот со сета сила ќе го нападне источниот регион Донбас, територија што Москва ја наведе како приоритет на својата воена операција. Зеленски и денеска побара од западот поголема воена поддршка, но и нови санкции за Русија.
– Сега е особено важно да се помогне на Украина, да се покаже целата моќ на демократскиот свет. Ако сакаме да се бодиме за слободата заедно, тогаш ги прашуваме нашите партнери… И ако навистина се бориме за слобода и заштита за демократиите заедно, тогаш имаме право да бараме помош во овој критичен тежок момент. Тенкови, авиони, артилериски системи… Слободата мора да биде вооружена не помалку од тиранијата, порача Зеленски.
45 автобуси тргнаа во нов обид да ги извлечат преостанатите цивили од опколениот Мариупол, откако Русија објави дека ќе дозволи отворање на хуманитерен коридор до украинскиот град. Украинската армија соопшти дека околу 300 цивили биле убиени во Ирпин, пред градот да го повратат од руските сили во понеделникот додека руската армија информираше дека ја уништила речиси целата одбрамбена индустрија на Украина. За утре е најавена нова онлајн рунда мировни преговори помеѓу преговарачките тимови на завојуваните страни додека турските власти се обидуваат да организираат нова средба на министрите за надворшените работи на Русија и Украина.Според САД и Велика Британија, Русија во целост погрешно ја проценила ситуицијата во Украина пред да ја започне војната. Советниците за војната сега се плашат на Путин да му ја кажат реалната ситуација на теренот тврди Белата куќа.
– Ние веруваме дека Путин е погрешно информиран од неговите советници за тоа колку лошо функционира руската војска и дека руската економија е осакатена од санкциите бидејќи неговите високи советници премногу се плашат да му ја кажат вистината, рече Портпаролката на Белата куќа, Кејт Бедингфилд.
– Ова покажува дека ниту САД ниту Велика Британија немаат реални информации за тоа што се случува во Кремљ.Тие не го разбираат претседателот Путин, не го разбираат механизмот на донесување одлуки и не го разбираат стилот на нашата работа.Ова е „загрижувачко“ бидејќи ваквото целосно неразбирање води до погрешни одлуки, кои имаат лоши последици реагираше портпаролот на Путин. .