Здружението на судии бара брзо разрешеување на слуајот поврзан со Беџети, реакција од надлежните очекуваат и експерите
Укажувањата од САД се сериозни и надлежните органи, почнувајќи од Судски совет, па сè до обвинителството и полицијата, треба веднаш да преземат конкретни мерки, вели поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска по информацијата дека поранешниот прв вицепремиер Груби и апелациониот судија Енвер Беџети биле вмешани во значителна корупција преку примање на мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Беџети денеска не се појавил на работа, користи денови од годишен одмор, информираа од Скопскиот апелационен суд. На телефон не одговори.
Тој ја преживеа дисциплинската постапка пред судскиот совет, кога доби шест месеци, 20 отсто намалување на плата, но сметката почна да се пишува уште со извештајот на Европската комисија (ЕК), каде иако не беше посочен со име и презиме стоеше – Одлуката на Судскиот совет да казни судија од Апелациониот суд Скопје наместо да го разреши, за одолговлекување за еден од случаите за корупција на високо ниво на поранешното СЈО, нашироко се гледаше како потврда за политичко мешање.
А токму во судскиот совет пред, речиси, две години почна битката околу тоа дали Беџети ќе напредува во Врховен или ќе биде казнет. Епилогот беше незаконско разрешување на Дамева во пуч организиран од тогашниот заменик, а сè уште член на Советот, Селим Адеми.
Беџети девет месеци го држеше предметот за масовно прислушување во фиока, потоа советот во Апелација го укина и го врати повторно во Кривичен, односно на лентата што води кон застарување. Крајниот удар, со кој застаре делот за масовното прислушување, го нанесоа измените на Кривичниот законик. Името на Беџети во јавноста се споменуваше и кога неговиот син заврши Академија за судии и јавни обвинители по што беше избран за обвинител во Тетово.
Се огласија од здружението на судии. Ставањето на црната листа на САД на било кој судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт.
„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сè, со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред сè, заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, се наведува во соопштението на здружението на судии.
Врховниот суд ги поздрави ги поздравуваат заложбите на САД за владеење на правото.
„Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во таа насока, а во врска со нотираната корупција, неопходно е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба. Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија“, соопштуваат од Врховен.
Мијалков е на црната иста на САД од 2022 година. Тој имаше повеќе судски предмети, а само еден заврши со затворска казна. За спогодбата што ја потпиша за „Империја“ доби три години затвор. Од затворот во Струга излезе околу една година порано со условен отпуст.