За 45 минути ќе се стигнува од Скопје до Приштина по новиот автопат што почнува да се гради годинава
Следниот месец ќе биде објавен тендер за изградба на првата делница од автопатот Скопје-Блаце, а градежните работи се очекува да стартуваат во вториот квартал годинава, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за транспорт Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Со изградбата на автопатот во должина од 12,5 километри и инвестициска вредност од 110 милиони евра, се очекува патувањето меѓу Приштина и Скопје да се скрати од два часа на 45 минути.
Вицепремиерот Османи истакна дека станува збор за стратешки проект за Македонија и оти Косово е најевтиниот и најсоодветниот извозен пазар за државава.
-Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово, рече Османи дополнувајќи дека проектот е важно регионално значење како дел од агендата за поврзување во рамки на Берлинскиот процес.
За првата делница од 1,9 километри до 20-ти месецов треба да заврши целосното проектирање, по што ќе следи објавување тендер. Тој дел од автопатот треба да биде завршен до крајот на следната година. Паралелно со активностите за првата фаза ќе се работи на препроектирање на втората фаза од клучка Блаце до клучката Стенковец во Скопје во должина од 10,5 километри. За неа е предвидено да се објави тендер во првиот квартал следната година, по што во вториот квартал би почнале и градежните работи. Целосната изградба на делницата се очекува да биде завршена кон средината на 2023 година.