За Јанкулоска пресудата за „Таргет-Тврдина“ е контрадикторна – за адвокатот ексминистерката треба да е оштетена, а не обвинета
Конфузна, контрадикторна и неаргументирана. Вака поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ја нарече пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување и уништување на опрема за прислушување од УБК.
Јанкулоска утрово од затворот „Идризово“ беше спроведена во Апелацискиот суд во Скопје, за да ја образложи својата жалба за првостепената пресуда во овој предмет со која беше осудена на 4 години затвор.
Таа се гони во делот за уништување на еден од системите за прислушување, па во жалбата го спореше вештачењето за вредноста на опремата велејќи дека е изготвено од лице без лиценца, како и дека проценетата вредност не е таа која ја кажал тој вештак, со оглед дека технологијата во меѓувреме застрела и изгубила од вредноста.
„Се наоѓаме во ситуација каде што првостепениот суд прифатил тврдење кое е еквивалент дека ако, на пример, ги земеме телефоните од пред 10 или 15 години, сега слободно ќе се приклучиме на 5Г мрежата и ќе го добиеме истите услуги. Исто е и за вредноста, дека истите тие телефони што тогаш чинеа како една плата, сега чинат исто, ниту денар помалку”,
рече Јанкулоска во дол од своето излагање.
Пред Јанкулоска говореше нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, кој ѝ е адвокат.
Тој рече дека Јанкулоска наместо да биде оштетена таа е обвинета во овој предмет.
„Наместо да фигурира во својство на оштетена како една од најприслушуваните со преку 13 000 разговори и десетици или стотици пораки, таа е обвинета”,
рече Илиевски.
Според него, во првостепената пресуда судот не дава јасни причини поради кои смета дека Јанкулоска свесно помогнала во уништувањето.
Во еден дел тој зборуваше и дека во случајот има повреда на принципот на владеење на правото и правната сигурност со оглед дека претходно имало помилување од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, па кажа дека не е јасно како судот утврдил дека таквиот акт на помилување е ништовен и каде што обвинетите можеле да се жалат.
Зборувајќи за аболицијата, Илиевски во ја спомена и постапката пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур во контекст дека е скандалозно што тезите од одговорот којшто Владата го испратила до Стразбур, потоа се нашле и во пресудата што ја напишал Кривичниот суд која била изготвена по помалку од два месеци откако Владата го испратила одговорот.
„Таргет-Тврдина“, како еден од своите најважни предмети, СЈО го отвори како две оддели истраги. На 29 март 2016 година, прво беше отворена истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите во УБК, а на 17 ноември истата година беше отворена отвори и истрагата со кодно име „Таргет“ за масовното прислушување. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.
Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5 827 телефонски броја.
По згаснувањето на СЈО, во септември 2019 година овој, како и сите други предмети, премина во надлежност на редовните обвинителства. По повеќе од три години судење, на 26 февруари лани во Основниот кривичен суд Скопје беше изречена првостепената пресуда, за која денеска во Апелација се одржа јавна седница.