За осомничениот Ахмети специјален третман во СЈО

Али Ахмети кој е осомничен во предметот Попис отворен од СЈО, успеа да избега од новинарите со тоа што сам си го презакажа распитот, а обвинителката Фатиме Фетаи ја прифати таа промена. Распитот е одржан, траел еден час, а во случајот Попис со Ахмети осомничен е и Никола Грувски, кои според пријавата се договориле и го прекинале пописот на анселение во 2011-та со што државниот буџет е оштетен за над 175 милиони денари.
Осомничен за проневера на околу 2,8 милиони евра буџетски пари после договорот за прекинување на пописот 2011-та денеска успеа да се скрие од новинарите, а да се види и да даде исказ пред обвинител. Али Ахмети, лидерот на ДУИ утрово се појавил предвреме на распит за злоупотребата на парите на граѓаните, а обвинителката Фатиме Фетаи го прифатила и го примила час и половина пред договореното време. Во смс порака, Фетаи ни одговори дека „дошол порано и замоли да биде испитан порано заради други обврски во текот на денот. Даде одбрана. Траеше 1 час.“
Фетаи дошла на работа во 8 часот, а дваесетина минути подоцна во СЈО дошол Ахмети заедно со уште неколку сопартикци со 4 автомобили. Бил распрашан и околу 9:30 кога веќе почнале да стигаат новинари пред зградата на СЈО, требало да излезе. Но за да не го видат новинарите Ахмети побарал, а во СЈО му ја исполниле и втората желба и го пуштиле да излезе од гаражата на зградата. Мистериозниот распит на Ахмети завршува со брзо возење на џипот во кој е тој и придружба од три црни ауди лимузини.
Од обвинителството од каде вчера го потврдија терминот за распит, нема детали за истрагата и кога ќе има одлука дали Ахмети ќе биде обвинет или не. Случајот Попис почива главно на таканаречените бомби кои не беа објавени во јавноста, но СЈО оформи предмет бидејќи утврди дека Никола Груевски и АЛи Ахмети незадоволни од бројките добиени во првите десет дена од пописот решиле да го прекинат и да ги „изгорат“ буџетските пари. Ахмети и Груевски го договориле прекинот на државниот празник, денот на Востанието на 11-ти октомври 2011-та.
Фетаи и сега го води случајот, а интересно е дека до денеска никој во обвинителството и во обвинителството за организиран криминал и корупција не бил известен дека во претпладневниот термин е повикан лидер на владеачка партија како осомничено лице. За промена на терминот и подранување на распитот од двете обвинителства велат дека има пракса сведоци или други лица да побараат поради обврски распитот да им се подрани или задоцни од планираното време на поканата. Но додека постоеше СЈО, обвинителите често ги канеа и носеа осомничените и сведоците и доцна во ноќ без да им дадат можност за избор. Вториот осомничен за Попис Никола Груевски е во бегство, односно доби азил во Унгарија.