Закон за употреба на јазиците, но не и за употреба во институциите
Судот не ми овозможува да го користам мојот мајчин јазик – албанскиот, обвинува бранителот на обвинетата во „ТНТ“, Елисавета Најдовска, адвокатот Мерџан Даути.
Тој се жали дека поради непочитувањето на Законот за јазици, односно непреведените судски списи, тешко може да ја подготви одбраната.
„Необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката.Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби нa друг закон, органите се должни да го применуваат членот 9 од Законот за употреба на јазиците,“вели Мерџан Даути-адвокат.
Претходно, судијата Огнен Ставрев го казни адвокатот Даути со две илјади евра поради блокирање на случајот, а од Судот подетални одговори на барањата на бранителот на Најдовска најавија за в среда.
Дали и како би дејствувал новоформираниот Инспекторат за употреба на јазиците во вакви случаи не добивме конкретен одговор, бидејќи, како што информира директорот на ова тело, Фатмир Исени, не може се уште да се постапува, бидејќи одлуката со која тој се назначува за директор досега не е објавена во Службен весник.
За правниот познавач, Звонко Давидовиќ, досега немало никаков проблем со преводи за странките во кривичните или прекршочни постапки.
Сепак, тој нагласува дека со новиот Закон ќе има доста потешкотии во судницата.
Давидовиќ апелира да се преведува во најкус можен рок за да не трпи постапката.
Инаку, употреба на албанскиот јазик во целосната судска постапка не би било возможно и Македонија нема капацитет за тоа, велат од Венецијанската комисија, а токму оваа препорака стана јаболко на раздорот во односите СДСМ-ДУИ.