Заев се враќа во Скопје со ново ветување од Меркел
Премиерот Заев се враќа од Берлин со ново ветување од канцеларката Меркел. Нема информација дали е променет ставот на премиерот дека доколку не се добие датум во јуни тој ќе го врати мандатот за состав на владата
Ветување дека Бундестагот во септември ќе даде зелено светло за почеток на македонските преговори со ЕУ и честитки за постигнатите резултати на владата. Ова се пораките кои премиерот Зоран Заев, според македонската делегација, денеска ги добил од канцеларката Ангела Меркел на средбата во Берлин.
Од македонската влада велат дека се задоволни од она што го слушнале од Меркел на средбата. Во официјалното владино соопштение се наведува дека септември останува месецот кога Бундестагот ќе расправа и, со голема веројатност, ќе го одобри стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Премиерот Заев на средбата рече дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан“, се наведува во соопштението.
Потврда за таквата најава претходно стигна и од пратеникот на ЦДУ во Бундестагот, Јохан Вадефул кој во изјава за Франкфуртер алгемајне цајтунг рече дека во септември ќе биде одобрен почетокот на преговорите.
Соопштение издаде и Кабинетот на германската канцеларка, но во него нема ниту збор за ЕУ перспективите на земјата.
За средбата се информира под наслов „Зацврстување на стабилноста на Балканот“ и се наведува дека на разговорите, освен за билатералните односи, станало збор и за надворешно политички и европски прашања.
Понатаму, кабинетот на Меркел наведува дека „Германија заедно со Франција поставила цел да ја зацврсти стабилноста на балканскиот регион. Важна компонента во таа насока беше надминувањето на спорот за името Македонија.“
Соопштението завршува со информација за промената на името на државата и окончувањето на спорот за името со Грција, како и со потсетување дека премиерот Заев учествувал на самитот на земјите од Западниот Балкан во април годинава во Берлин.
Она за што засега нема никаква информација е дали е променет ставот на Заев дека доколку не се добие датум за преговори во јуни тој ќе го врати мандатот за состав на владата. Можно е премиерот во текот на попладнето да даде изјава на таа тема, но никој засега не открива што ќе содржи таа.
Од владиното соопштение по средбата со Меркел може да се насети дека Заев веројатно сепак го прифатил одложувањето на дебатата во Бундестагот како реалност која сега не може да се менува.„(…) Заев на средбата нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември“, се наведува во соопштението.