Заев очекува функционален парламент и влада во Софија за да се одблокира евроинтеграцијата
Македонскиот премиер Зоран Заев очекува функцонален парламент и политичка влада во Бугарија за да се одблокира македонската евроинтергација.
Македонскиот премиер Зоран Заев им посака среќа и успех на Бугарите и на бугарската држава на изборите што треба да се одржат утре, затоа што „е важно секоја држава, така и нашиот источен сосед да има стабилен парламент и да има стабилна политичка влада“.
Очекувањата за функционален парламент и влада во Софија Заев ги поврзува со надеж дека потоа ќе се одблокира патот на С. Македонија кон Европската унија.
„Лично мислам дека ги адресирав сите важни работи на билатералните разговори на 17 јуни, при посетата на Бугарија. Остана да се избере бугарскиот парламент и да се избере владата за да имаме надеж дека ќе се донесе одлука. Очекувам декември годинава да биде донесена одлуката, но секако да оставиме процесите да бидат успешни за да може да се израдуваме со позитивна одлука“, изјави Заев во Виница.
Тој потсети дека земјата е кандидат за ЕУ шеснаесет и пол години: „Верувам дека ова е повеќе прашање на достоинство на ЕУ, отколку наше. Тоа е нашиот пат, ние друг пат немаме и верувам дека ќе се случи“, изјави Заев.