Заев: Не размислувам за оставка, Мицкоски да дојде, премиер да биде!
Поднесување на морална одговорност по трагедијата во Тетово во која до темел изгоре модуларната ковид болница и натаму ја бранува политичката јавност.
Премиерот Заев и денеска порача дека не размислува за оставка. Откако вчера лидерот на Алијансата за Албанците, Села го повика да се повлече од функцијата, заев во изјавата на села гледа само политиканство и желба за власт. А оваа негова изјава предизвика остра реакција и од страна на мицкоски.
„Зошто да поднесам оставка, за Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори“, порача Заев.
„Патувајќи до Тетово ја слушнав неговата изјава, кога човек ќе се поистовети со функцијата, кога себе си ќе се интерптерира како функцијата тоа сум јас, во услови кога невини човечки животи згаснаа е тажно и жално. Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност, и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој заминел Мицкоски ќе бил премиер, тогаш освен благо чувство на гадење кое што во овој момент го имам, друго немам што да кажам“, рече Христијан Мицкоски.
Меѓусебни обвинувања за трагедијата во Тетово си разменија и Зијадин Села и Артан Груби.
„ Што бараше следниот ден заменик премиерот заедно со група од над 20 партиски членови да шета по модуларната болница која веќе беше изгорена. Кога зборуваме за истрагата, дали тоа значи дека со самиот пристап внатре во забрането место, каде се ставаат ленти и каде не смее никој да има пристап, да има фотографии каде тие се присутни внатре. Дали ова оневозможува на истражителите да ја откријат причината за пожарот? Дали некои од тие 20 може да фрли некој таму нешто за да служи наводно како доказ дека се најде причината за пожарот? “, праша Зијадин Села.
„Првото прашање што граѓаните го поставуваат е дали Села го прашал Христијан Мицкоски зошто бил во Собранието на 27 април штом веќе го уверил дека нема потреба да му се извинува за претепувањето. Второто суштинско прашање е зошто тој не бил во Тетово, не направил апсолутно ништо за да помогне и затоа ја злоупотребува трагедијата и болката на семејствата за површни полтички предизборни поени“, изјави Груби.
Првите луѓе во здравството Филипче и Хасани и двајцата директори на тетовска клиника Бесими и Етеми поднесоа ставки од морални причини на 10 септември – три дена по страотниот пожар во монтажниот ковид центар, во кој животите ги загубија 14 лица. За понудените оставки премиерот Заев и денеска порача дека ќе се произнесе по целосното завршување на истрагата.