Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир
Договорот од Преспа е процес кој заслужува да биде награден, вели добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи, која утре лично ќе ги номира двајцата премиери за истата награда.
Добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи, утре официјално ќе поднесе номинација – следната Нобелова награда за мир да им биде доделена на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Нејзиниот предлог ќе биде претставен на церемонијата што утре (18.12) во 11 часот ќе се одржи на Првиот приватен универзитет – ФОН, каде во март годинава Бушамауи ја доби титулата почесен професор (professor honoris causa).
„Договорот од Преспа, во кој потписниците и медијаторите вложија огромна енергија, го гледам како исклучително значаен процес кој заслужува да биде номиниран за Нобеловата награда за мир. И Генералниот секретар на ОН, господинот Гутереш, деновиве повторно го истакна тој Договор како пример кој може да биде модел за решавање на проблемите во светот“, вели Бушамауи.