Завојуваните генерали прогласија 24-часовен прекин на огнот во Судан
Завојуваните команданти во Судан договорија 24-часовен прекин на огнот од вечерва, соопшти војската, по разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен поради жестоките борби во Картум во кои беше нападнат американски дипломатски конвој.
Блинкен имал одвоени разговори со началникот на војската и со шефот на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) во чија борба за превласт досега загинаа најмалку стотици луѓе.
Светската здравстена организација соопшти дека во насилствата што од саботата избувнаа во Судан веќе се загинати 270 лица, а 2.600 се повредени.
Лидерот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дегало, познат како Хемети, рече дека неговите сили одобриле 24-часовен прекин на огнот за да се осигура безбеден премин на цивилите и евакуација на ранетите.Тој на Твитер напиша дека со Блинкен разговарал за „итни прашања“, и дека се планирани уште разговори.
РСФ испрати соопштени во кое се наведува дека водат континуирана битка за враќање на „правата на нашиот народ со нова револуција“.
Блинкен рече дека, според првичните извештаи, нападот врз американскиот дипломатски конвој го извршиле сили поврзани со РСФ, нарекувајќи ја таа акција „непромислена“.
Тој рече дека американскиот персонал е безбеден по инцидентот, нарекувајќи ги заканите кон американските дипломати „целосно неприфатливи“.
Утринава се пријавени експлозии во главниот град Картум, како и во градовите Омдурман и Бахри. Жителите велат дека имало воздушни напади.