Железните потпетици на СЈО
Најавената смрт на СЈО, како најважната институција во поновата историја на оваа земја, од страна на Врховниот суд, не потсети на нобеловката Вислава Шимборска, на една нејзина резигнирана констатација, од која нема излез: “Не е лесно да се објасни нешто на некого, кое и вие самите не го разбирате”.
Но, дали е прикладно да се оплакува сега оваа смрт на СЈО, судскиот чекан кој одлучил да не се отвораат истраги и да не се покренуваат обвиненија, затоа што поминал рокот од 18 месеци, откако ги добиле прислушуваните разговори?
Затоа што, оваа смрт беше очекувана, кој е начинот некако да се објасни задоцнетото липање, ако е на маса фактот што во самиот Закон за СЈО тие фамозни ограничувачки 18 месеци одамна се постоечки и ни висеа како меч на закана уште од 2015 година, кога е донесен Законот за СЈО.
Се разбира дека на Врховниот суд му се залудни ваквите одлуки, затоа што без дилема, нема никаква надлежност за толкување на овој Закон за СЈО, што е образложено скоро едногласно од низа експерти и министерката за правда Десковска.
Но, клучното прашање е во сосема друга насока- зошто Собранието молчеше сите овие години, зошто политичките лидери го забораваа фамозниот член 22, зошто СЈО тивко ја оплакуваше својата најавена смрт од денот на донесување на Законот? Во тоа време, на Заев веројатно тие 18 месеци му изгледале недоволни и кратки, веќе пролетани, како 18 минути му биле тие месеци, но сепак се надевал дека изгледа како оптимално решение после тешките и мачни преговори.
На Груевски пак, му изгледале како векови тие исти 18 месеци, избезумен, скршен, во безизлез, како стаорец спикан во ќош, но со никакви шанси да се втурне во непријателот. Подоцна, шансите се растегнаа, му ги раздвижија очите, му подарија нови хоризонти, унгарски аџилак во меката на корупцијата, во прегратките на братот по режимско владеење.
Молкот за најавениот клуч на СЈО од страна на политичките лидери е прегласен да не биде слушнат, тој молк ќе ја одредува и нивната политичка судбина, но поважно, иднината од која зависиме сите ние. Затоа, Заев особено сега ќе мора да проговори, а железните опинци кои тој ги најави во сосема други цели, се очекува да добијат нова задача во продолжената борба за оваа земја.