ЕУ тестира поморски пат за да испорача помош за Газа
Претседателката на Европската Kомисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, на 8 март 2024 го обиколија пристаништето во Ларнака, од каде што ќе тргне хуманитарна помош за Газа
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска (8 март) изјави дека брод со хуманитарна помош од Кипар ќе се упати кон Газа, со цел да се тестира нов поморски коридор за директна испорака на помош.
„Брод што припаѓа на шпанската невладина организација „Опен Армс“ ќе направи пробно патување“, изјави Урсула фон дер Лејен за новинарите во кипарското пристаниште Ларнака, каде присуствуваше на подготовките за испорака на хуманитарната помош.
Според неа, коридорот се очекува да биде отворен во недела (10 март).
Фон дер Лејен, говорејќи на прес-конференција со кипарскиот претседател Никос Христодулис, додаде дека Европската Унија, заедно со САД, Обединетите Арапски Емирати и другите земји партнери, отвораат морски коридор за да испорачаат големи количини помош за Газа како одговор на хуманитарната катастрофа.
Претходниот ден американскиот претседател Џо Бајден објави план за отворање на крајбрежно пристаниште за испорака на помош во Газа.Повторувајќи ја својата поддршка за Израел, Бајден во неговото обраќање за состојбата на нацијата, ги повтори повиците до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да дозволи поголем проток на хуманитарни залихи за Палестинците во Газа.
„На лидерите на Израел, им го велам ова: Хуманитарната помош не може да биде споредна работа или договор за пазарење“, рече Бајден во Конгресот.
Тој, исто така, ги повтори повиците до Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите во конфликтот.
Војната во Газа, меѓу Израел и Хамас, група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија, започна на 7 октомври, откако милитантите на Хамас убија речиси 1200 луѓе во јужен Израел и киднапираа речиси 250 други.
Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, соопшти дека загинале повеќе од 30 000 луѓе, а околу 7000 се водат за исчезнати, а 71 700 се повредени. Војната уништи големи делови од Појасот Газа и предизвика хуманитарна криза за 2,3 милиони жители на таа територија.