ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ЕУ вети забрзување на вакцинацијата и предупреди на ширењето на новите варијанти на Ковид 19

Европските лидери ветија синоќа дека ќе го забрзаат доставувањето на вакцините против Ковид-19 и повторно побараа од фармацевтските компании да ги почитуваат преземените обврски во земјите членки на ЕУ, каде не стивнуваат стравувањата од новите варијанти на вирусот.

Сепак, на краток рок нема навестувања за олеснување на мерките за европските граѓани додека рестрикциите за патувања остануваат на сила во голем дел од 27 –те земји членки на Унијата.

Ковид -19 досега усмрти повеќе од 530 илјади луѓе ширум Европската Унија.

  • Нашиот врвен приоритет сега е да го забрзаме производството и доставувањето на вакцините и вакцинацијата ширум Европската Унија. Затоа ги подржуваме и напорите на Комисијата да работи со индустријата за идентификување на тесните грла, да ги гарантираме каналите за достава и да ја го забрзаме производството. Сакаме повеќе предвидливост и транспарентност за да обезбедиме дека фармацевтските компании ги исполнуваат своите обврски, изјави Шарл Мишел, Претседател на Советот на ЕУ

Европската Комисија досега постигна договор со повеќе компании за преку 2 милијарди дози од вакцините против Ковид 19, многу повеќе од потребните за бројот на жители на земјите членки на ЕУ, околу 450 милиони луѓе, но само 3 се одобрени за употреба , вакцините на Фајзер Бионтек, Модерна и Астра Зенека.

Европските претставници најавуваат дека вакцината на Џонсон и Џонсон , која се дава преку една доза, би можеле да биде одобрена наредниот месец.

Сепак, фармацевтстките компании се правдаат дека проблемите во доставувањето на договорените дози се очекувани, во ситуација кога во една година, треба да се направи тоа за што вообичаено би биле неопходни 3 до 4 години.

До почетокот на оваа недела, 6,5% од повозрасните жители на земјите членки на ЕУ се вакцинирани, наспроти 27% од жителите на Обединетото Кралство.

  • Не само што ситуацијата останува сериозна во многу делови од Европа, туку ние исто така мораме да внимаваме на новите варијанти што се шират. Б117 (британската варијанта) сега е присутен во речиси сите земји, освен една. Јужно-африканската варијанта е во 14 земји членки а бразилската варијанта во 7. Значи, пред нас има многу предизвици, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

На видео самитот на ЕУ повторно дојдоа до израз и разликите меѓу земјите членките во поглед на таканаречените ковид сертификати и потврди за вакцинирање,  за слободно патување во текот на летните месеци. Фон Дер Лајен најави дека ваквите сертификати за вакцинираност би можеле да бидат подготвени за 3 месеци.

Земјите зависни од туризмот, како Грција и Шпанија , подржуваат воведување таков систем, но Германија и Франција изразуваат сомнежи дали овие сертификати би биле доволна гаранција.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.