Ердоган ги реши сите дилеми: Не доаѓа во предвид повлекување од договорот со Русија!
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека не доаѓа во предвид неговата земја да се повлече од договорот со Русија за купување на против-воздушниот ракетен систем “С-400“.
Одговарајќи на новинарските прашања, Ердоган истакна дека американската понуда за продажба на ПВО системот “Patriot” не е доволно добра како понудата која што Турција ја добила од Русија за „С-400“.
„Постои одреден чекор кој го направивме, овде постои договор и ние сме посветени да го оствариме. Не доаѓа во предвид да направиме чекор наназад“, порача Ердоган.
Турскиот договор со Русија за купување на ПВО системот „С-400“ го загрижи Вашингтон, но и останатите западноевропски земји – сојузници на Турција во НАТО Алијансата, кои сметаат дека рускиот систем не е во рамките на стандардите на НАТО и претставува закана по американските стелт ловци од петта генерација „Ф-35“.
Токму овие борбени авиони, во чиј развој со свои финансиски средства учествуваше и Турција, може на крајот да не ѝ бидат испорачани на Анкара, како дел од санкциите кои Вашингтон планира да ги воведе против Анкара.
Ердоган меѓу другото нагласи дека Турција им понудила на САД формирање на работна група за заедно да биде пронајдено решение, но не откри каков одговор добил од Вашингтон. Тој исто така порача дека Турција исто така ја разгледува и американската понуда за “Patriot” системот.