Енергетска ефикасност, туризам, претприемништво, гасификација – што е предвидено во буџетот на Министерството за економија
Буџетот на Министерството за економија за 2021 година ќе тежи 826 милиони денари, а 190 милиони се за субвенцииЗа разлика од годинава, кога целиот буџет е насочен за поддршка на најпогодените сектори во економијата и најпогодените граѓани од пандемијата со ковид-19, проекциите за следната 2021 година се за одржливост на домашните економски дејности и на работните места, за закрепнување на одредени дејности, обезбедување стабилност на социјалните трансфери и политики, кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија за продолжување со позитивните трендови на македонската економија.
За дел од субвенциите кои беа предвидени во програмите за 2020 година, но за кои поради пандемијата и економската криза не беа објавени јавни повици, во 2021 година е предвидено да се реализираат сите програми и мерки за што се предвидени дополнителни средства.
„На пример, во програмата за енергетска ефикасност за 2021 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 47 милиони денари. Тука, пред сѐ спаѓаат субвенции за купени и вградени сончеви термални колекторски системи, замена за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за купување печки на пелети и за надоместување за инсталирање фотонапонски системи за производство на електрична енергија“,
образложи Бектеши.
Финансиската поддршка на туризмот во 2021 година ќе биде фокусирана на домашниот туризам, односно продолжуваат субвенциите за поддршка на туристички цели на селски домаќинства, на активен туризам, за дигитализација на туристичкиот сектор и за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи.
За 2021 година тројно е зголемен буџетот на Министерството за економија за субвенции за приватни претпријатија за што се предвидени 13 милиони денари и тоа за имплементација на активности за паметна специјализација, поддршка на фирми од преработувачка индустрија, поддршка и проширување на акредитација на лаборатории за испитување на градежни производи и други активности.
Повеќе од двојно, пак, е зголемен буџетот за поддршка на претприемништвото: за микро, мали и средни претпријатија, женско претприемништво, подобрување на вредностите синџири, сертификација на системи за квалитет, сертификација на ХАЛАЛ-систем, како и поддршка на занаетчии.
Предвидени се и 13 милиони денари за субвенции за вградување уред на погон на ТНГ метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, која и поради големиот интерес во текот на минатата година не можеше да биде субвенцинирана поради пандемијата.
Предвидено е зголемување на средствата во буџетот во делот на гасификацијата, односно за реализација на капитални инвестиции, и тоа 140 милиони денари, средства кои АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда.
Пари има и за поддршка и развој на малите и средни претпријатија, подобрување на деловната клима и зголемување на конкурентноста, либерализиран трговски режим и создавање на соодветна регулаторна рамка во согласност со ЕУ-стандардите и барањата на СТО, поддршка и развој на енергетиката, туризмот и угостителството, либерализација на пазарот на електрична енергија и раст на инвестициите во енергетскиот сектор, како и зголемување на користење на природен гас и искористување на сончева енергија во домаќинствата.
Буџетот на Министерството за економија за 2021 година ќе тежи 826 милиони денари, од кои 130 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 167 милиони денари се наменети за капитални расходи, а 190 милиони денари за субвенции.