Експлозија во центарот на Атина – две лица повредени
Најмалку две лица се повредени во експлозија на бомба пред црквата Свети Диониси во Атина, соопштено е од грчката полиција.
Повредени се еден полицаец и цивил, кој грчките медиуми го опишаа како чувар на црквата.
Повредените лица се пренесени во болница, а во околината на детонацијата поставен е полициски кордон.
Неименуван полициски службеник за агенциите изјавил дека инцидентот се случил кога полицаецот во близина на влезот на црквата, во делот од градот наречен Колонаки, забележал сомнителна кутија и се обидел да ја отстрани.
-Експлозијата не беше силна. Службеникот се здоби со полесни повреди на рацете и лицето – изјавил полицаец кој сакал да остане анонимен.
Здравствените претставници потврдиле дека повредените не се животно загрозени.
Извори за државната телевизија изјавиле дека чуварот на црквата ја повикал полицијата откако пред влезот на храмот ја пронашол кутијата.
Нападите од помали размери на фирми, државни установи, полиција и политичари не се необични во Грција, која има долга историја на политичко насилство.