До 15 јули сите пријавени граѓани ќе се вакцинираат
Крај на застојот на термини за вакцина.
Без разлика дали сте се пријавиле вчера и пред два месеца, во наредните две недели ќе добиете термин за прва доза, уверуваат здравствените власти. Сите што досега изразиле желба за имунизација до 15 јули ќе бидат вакцинирани, а приоритет ќе имаат повозрасните и наставниците. Потоа нема да има закажување, туку пунктовите ќе бидат отворени, а ќе има и теренска вакцинација, најави Министерот за здравство, Венко Филипче.
Освен 100.000 „Фајзер“ вакцини преку „Ковакс“ кои пристигнаа попладнево, задутре ќе дојдат две пратки на „Синовак“ од нарачката од пола милион дози. Земјава добила понуда за донација на вакцини и од Словачка, меѓутоа властите одбиле бидејќи, според Филипче, има доволно.
Досега аплицирани се околу 500000 дози вакцини, а по две примиле повеќе од 200.000 граѓани. Без оние што се вакцинирале во Србија, засега имунизирани се околу 17 % од полнолетното население.