ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Дојде крајот на Пржинската Влада

Со свеченост во МВР, Наќе Чулев ја предаде функцијата министер за внатрешни на претходниот заменик Агим Нухиу. Откако државната изборна комисија ги објави конечните официјални резултати од парламентарните избори, според законот за техничка влада престануваат и функциите на министрите и нивните заменици предложени од опозицијата.

Доскорешниот прв човек на МВР на фејсбук напиша дека во изминатите неколку месеци државата минала низ турбулентен период а полицијата имала исклучително важна задача за заштита на здравјето на граѓаните како и спроведување фер избори.

„Посакувам и апелирам што поскоро да се формира владиното мнозинство, а тоа ќе значи и враќање на институциите во својот полн капацитет. Јас од утре се враќам на моето претходно работно место во Агенцијата за разузнавање од каде ќе продолжам да давам придонес во областа на безбедноста“, напиша Чулев.

Од владата велат дека до изборот на нов владин состав на испразнетите позиции ќе се вратат претходните функционери.

Со пржинскиот модел вкупно пет министерства имаа заменски министри и заменици. Опозицијата управуваше со министерствата за внатрешни и социјала каде нивни замененици назначи власта. По предлог на опозицијата, заменици министри имаа министерствата за земјоделие, финансии  и информатичко општество. Иако предвидено фукциите да ги извршуваат 100 дена, во кабинетите останаа повеќе од шест месеци. Корона кризата ги одложи изборите па намест во април, мандататот на техничката влада беше продолжен до јули.

Единствено министерката за труд и социјала предложена од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи остана кратко на чело на министерството. Ја разреши собранието бидејќи на своите прес конференции ја употребувала таблата со името Република Македонија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, техничката влада претставувана од СДСМ наместо спроведување на фер избори се занимавала со попречување на работата на министрите од опозицијата.

„Техничките министри се соочија со опструкции од технички и политички аспект и со одлука на Влада им беа укинувани нивните решенија. Разрешувањето на министерот за труд се покажа како чекор кон таргетиран поткуп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека опструкциите доаѓале од министрите на опозициската партија.

„Поранешната министерка Мизрахи свесно и намерно го прекршуваше Уставот, со што се обиде директно да го загрози евроатланскиот процес. Министерот за внатрешни, Чулев не ги спроведуваше мерките за заштита од коронавирусот што придонесе за негово ширење“, сметаат во СДСМ.

Техничката влада за организирање на парламентарните избори чиј мандат истече денеска беше формирана во почетокот на годинава. Ваков владин состав, избори организираше и во 2016-та година.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.