ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Договорот од Преспа ќе помине во парламентот, а ќе го почитува и Мицотакис, иако е против него

Договорот од Преспа ќе помине во парламентот бидејќи премиерот Алексис Ципрас ќе има доволно мнозинство, а потоа дури и да има нова влада, предводена од сегашниот лидер на опозицијата Кирјакос Мицотакис, тој јасно кажа дека е против него, но ќе го почитува, вели Аристотле Sиамбирис, професор на Универзитетот Пиреас во Атина. Во разговор за МКД.мк тој оценува дека по ратификацијата на Договорот, доколку Македонија ги спроведува реформите, неверојатно е Грција да ја блокира интеграцијата во ЕУ врз основа на ништо, без причина, само заради тоа што некому не му се допаѓа Договорот од Преспа.

По изгласаната доверба на Владата на премиерот Алексис Ципрас, следува ратификација на Договорот од Преспа. Верувате ли дека Договорот ќе помине во грчкиот парламент? 

– Мислам дека ратификацијата на Договорот од Преспа ќе се случи. Прво, од една проста причина, ќе има доволно мнозинство во Парламентот. Кога ќе помине во грчкиот парламент, дури и во наредните месеци да има нова влада, Кирјакос Мицотакис неколку пати рече дека иако се спротивставува на Договорот, ако помине, ќе го почитува. Значи, Договорот ќе влезе во учебниците.

Зошто ќе помине? Сега сме во една многу интересна ситуација. Со поминувањето на Договорот сите нешто добиваат. За Ципрас тоа е можност да покаже дека станал европски државник, а тоа мислам дека ќе му помогне и на европските избори. Понатаму, иако огромно мнозинство од Грците се спротивставуваат на овој договор, како што било секогаш од 1991 година наваму, а големо мнозинство не сакаат името на соседот да го вклучува зборот Македонија, сепак има едно малцинство во народот што го поддржува Договорот и во таа група од 35-40 проценти Ципрас ги наоѓа своите гласачи.

Што се однесува на Неа демократиа, мислам дека со овој чекор Мицотакис ќе ги добие изборите врз основа на ова прашање, но придобивката за него е што тој може да ги убеди своите гласачи да не се свртат кон крајно десничарската неонацистичка партија бидејќи нема причина за тоа, откако тој јасно кажа дека се спротивставува на Договорот. Од друга страна, ова прашање е решено и тој рече дека ќе го почитува, па нема ни да има никаков проблем со евроатлантските партнери. Тие можеби не се многу среќни со неговите ставови сега, но ако го почитува Договорот, тогаш тие нема да имаат никаков проблем во иднина.

Значи доаѓаме до тоа дека за Договорот ќе има мнозинство во Парламентот, од кое корист ќе има Ципрас, кој мисли дека прави нешто за книгите по историја и за неговото сфаќање на националниот интерес и за позицијата во Европа, а Неа демократиа се обезбедува дека гласачите нема да се префрлат кон екстремната десница и нема да има национална поделба меѓу северот и југот на Грција врз база на ова прашање, па потоа, кога ќе стане премиер, ќе ги минимизира проблемите, бидејќи ќе го почитува Договорот.

Ова можеби е предност за Ципрас на европските избори…

– И да и не. Јасно мнозинство од Грците се спротивставуваат. Голем дел од СИРИЗА го поддржува, но не се знае дали ќе „профитира“ од ова. Но не верувам дека изгуби многу гласови, како што мислат луѓето.

Што ќе значи ова за Ципрас во домашната политика?

– На домашната политичка сцена тој може да се портретира себеси како одговорен државник што се грижи за националниот интерес без оглед на јавното мислење на народот. Тој, исто така може да излезе со аргумент дека „пораснал“ од опозициски лидер што реално немал голема врска како функционира светот, во многу посериозен одговорен државник. Мислам дека иако тој можеби мисли оти на краток рок губи, на среден рок гласачите можеби го ценат ваквиот став.

Но на среден рок, не сега…

– Да. Но мислам дека сега врз основа на ова прашање, загубата е преувеличена, тоа е политичка загуба, ама ова нема да го чини толку многу, иако очекувано е Неа демократиа да добие многу повеќе.

Во оваа ситуација најмногу губи Панос Каменос и неговата партија Независни Грци, а не СИРИЗА. СИРИЗА всушност нема да изгуби многу гласови поради Договорот од Преспа, туку причината за губењето гласови главно е економската политика што ја води. Ако ги видите анкетите, ќе видите дека СИРИЗА заостанува зад Неа демократиа исто онолку колку што заостануваше и пред Договорот од Преспа. Значи Договорот не ја менува радикално позицијата на СИРИЗА, но многу повеќе ја чини Независни Грци.

Имајќи го сето ова предвид, мислите ли дека ќе има предвремени избори во Грција?

– Ова е големо прашање во грчката политика. Редовните парламентарни избори се наесен. Но изборите се динамичен процес. Ако го немате, односно ако го губите парламентарното мнозинство, ќе мора да организирате избори порано или подоцна. Но ако има функционално парламентарно мнозинство, кое ја штити СИРИЗА, Ципрас ќе ги следи анкетите и јавното мислење и ќе гледа колку долго може да издржи од аспект на парламентарното мнозинство, па дури тогаш ќе одлучи.

Мислам дека е многу веројатно избори да се одржат во мај, но не и порано. Одлуката кога ќе има избори ќе зависи од јавното мислење и од актуелниот развој на настаните во Грција.

Да се вратиме на Договорот од Преспа и на актуелната ситуација, во која Мицотакис води на анкетите и веројатно ќе биде наредниот премиер. Што може да се случи со Договорот во таков случај, бидејќи тој имаше неколку различни изјави?

– Вистина е дека во изминатите неколку години сите анкети покажуваа предност за Неа демократиа. Но тој јавно неколку пати кажа јасно дека ќе го почитува Договорот ако помине во Парламентот. Тој ќе гласа против, ама сака избори пред да се ратификува Договорот во Парламентот и вели дека ако има избори пред тоа, тој повторно ќе преговара за договор. Но според мене, ако победи на избори, ќе стои на зборот дека ќе го почитува Договорот и нема никаков сомнеж од грчка перспектива дека Договорот ќе функционира. Неговите импликации ќе бидат спроведени. Дури и од влада што се спротивставувала на него.

Но би можел да нѐ блокира во процесот на интеграција во ЕУ…

– Членството во НАТО е многу полесно и многу веројатно ќе се случи мошне скоро по ратификацијата на Договорот. ЕУ-процесот не е подарок. Акито мора да биде имплементирано. Процесот на усогласување со европското законодавство е процес што трае со години и единствената блокада од кого било би била ако не се спроведува тоа. Исклучително неверојатно, речиси и научна фантастика е дека Грција би го блокирала процесот врз основа на ништо, без причина. Значи процесот може да биде блокиран поради неисполнување на акито, што е многу различно од тоа да се каже: „Не ми се допаѓа Договорот од Преспа, па ќе ве блокирам“.

Може да се случи други земји да речат дека не напредувате во процесот на имплементација, а тоа нема ништо заедничко со Договорот од Преспа. Многу тешко ќе биде за Грција да каже „го ратификувавме Договорот, усогласувањето на законодавството е направено, но ние ќе блокираме“. Тоа не може да се случи. Грција не е семоќна во ЕУ и не функционираат така работите. И нема никакви индиции дека тоа ќе се случи. Значи клучните работи се Договорот да биде ратификуван и во однос на процесот на интеграција во ЕУ, да се спроведат реформите. Но има една работа што треба да ја имаме на ум. Ратификувањето на Договорот е тешко, како што гледаме. Ама спроведувањето на Договорот исто така е важно. Сите треба да разберат дека една работа е да „помине“, а друга да се спроведе. Ако Договорот не се спроведе, тогаш имаме проблем. Но претпоставувам дека Договорот ќе се спроведе.

Гледаме што се случува во Парламентот, но каква е ситуацијата, расположението, меѓу граѓаните?

– Нема никакво сомневање дека огромно мнозинство од Грците се спротивставуваат на Договорот. И ако помине во Парламентот, во што не се сомневам, ќе има парламентарно мнозинство, но не и „народно“ мнозинство. Нема ниту една анкета досега што покажала дека мнозинството од Грците го поддржуваат. И од 1991 година досега секоја анкета покажува дека мнозинството Грци (прашање е само колкаво е тоа мнозинство) се против тоа северниот сосед да има име што го содржи зборот Македонија. Тоа не се сменило.

Тогаш како Грција ќе го имплементира Договорот ако народот е против?

– Нашиот систем е парламентарна демократија, не е директна демократија. Па претставниците на народот во парламентот гласаат и имаат моќ. Не е директна демократија и нема референдум за ова прашање. Кога ќе помине во Парламентот, владата, сегашната или другата, ќе ја почитува ратификацијата. Треба да се има на ум нешто друго, дека иако за Договорот не се мнозинството од граѓаните, доволно Грци сфаќаат дека ваквиот развој на настаните и можноста за поголема нестабилност во регионот, неизвесност во однос на Турција, би биле ризични за Грција да почне со дипломатски игри. Со други зборови, кај Грците постои реализам дека Грција не е моќна сила и дека би било многу тешко да не се имплементира Договорот.

Пред неколку дена грчката влада отпечати илјадници копии од Договорот за граѓаните. Не е ли малку доцна?

– Весниците го имаат како додаток, но ако сакате да го прочитате Договорот, ќе го најдете и на интернет. Тоа е документ, кој не е таен. Како граѓанин очекувате експертите да ви го објаснат. Да ви објаснат дека прво има компромис, Грција добива ерга омнес, а „Северна Македонија“ добива македонски идентитет и јазик. Тоа е компромисот. Некој можеби би рекол Атина требаше да добие повеќе или Скопје требаше да добие повеќе, но ако сакате договор, мора да имате компромис, а тој компромис има политичка цена. И јасно е дека еден добар договор ги прави несреќни луѓето од двете страни.

Вистинското прашање е дали сакате договор или не. Ако сакате договор, ова е тоа. Јас ја почитувам и позицијата „не сакам договор“. Но, ако сакате договор, тој е компромис. Тоа е тоа.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.